Во пресрет на подготовката на новиот број на „Лице в лице“, чија носечка тема е „Правото на домување“, Центарот за медиумски активности од Скопје, организација која е издавач на „Лице в лице“ заедно со „Хабитат Македонија“, го распишува конкурсот за ликовни творби на тема „Мојот дом“. На конкурсот може да учествуваат сите деца од пет до 10 годишна возраст преку споделување на својата идеја за домот.
Целта на овој повик според организаторите е да се поттикне детската креативност и фантазија, но, во исто време, сите граѓани да размислат за правото на домување на секој човек.
За најдобрите три дела ќе одлучува тричлено жири, а за најуспешните мали автори ќе бидат обезбедени пофалници и награди, како и објава на страниците на новиот број на единственото улично списание во земјава, „Лице в лице“.
Цртежите може да се испраќаат во скенирана верзија направени на хартија, или пак дигитални цртежи кои децата ги направиле на таблети, на мобилни телефони или на слични гаџети од новата технологија.
Крајниот рок за испраќање е 24 ноември на е-мајл адресата licevlice@cma.mk.