Британскиот премиер Борис Џонсон вчера изјави дека групата седум на самитот во југозападна Англија се договорила да се укине државната помош за термоцентралите на јаглен, пренесува „Данас“.
Лидерите на најразвиените индустриски земји се согласија на таа мерка по апелот на познатиот британски еколог Дејвид Атенборо дека треба да се покаже „глобална волја“ во борбата против климатските промени.
Говорејќи на самитот, Атенборо изјави дека климатските промени се политички и научен предизвик.
„Имаме знаења и вештини да го решиме тоа на време, само ни треба волја на светско ниво“, порача Атенборо.
Се очекува дека државите од групата седум ќе ги зголемат финансиските средства за климата и дека ќе издвојат 100 милијарди долари годишно за помош на сиромашните земји за да ги намалат емисиите на јаглерод во борбата против глобалното затоплување. Сите земји од „Г7“ ветија дека до 2050 година ќе достигнат нула нето емисии, но многу екологисти велат дека тоа ќе биде предоцна.