Индискиот опозициски лидер Рахул Ганди е осуден на две години затворска казна поради клевета врз презимето на премиерот Нарендра Моди за време на предизборен митинг во 2019 година.
Ганди нема веднаш да оди во затвор бидејќи му беше одобрена кауција во времетраење од 30 дена поради тоа што се жали на судската одлука. Казната доаѓа една година пред парламентарните избори кои се закажани за 2024 година.
Зборувајќи на митингот во 2019 година, пред парламентарните избори, Ганди рекол: „Зошто сите овие крадци се презиваат Моди? Нирав Моди, Лалит Моди, Нарендра Моди.“.
Нирав Моди е индиски тајкун со дијаманти кој се наоѓа во бегство, додека Лалит Моди е поранешен директор на Индиската премиер лига во крикет, кој доби доживотна забрана да биде на функција поврзана со спортот.
Судскиот спор против него го отвори адвокатот Пурнеш Моди, кој вели дека коментарите на Ганди биле клевета за целата заедница која се презива Моди. Ганди, пак, при судењето тврдеше дека ваквите коментари ги дал за да ја илустрира корупцијата и дека неговите зборови не биле насочени директно против ниту една заедница.
Сепак дел од експертската јавност е зачудена од судскиот спор. Според истражувачот на правни науки, Гаутам Батиа, повикување на генерички класи на луѓе, во овој случај обединети под презимето, не можат да се санкционираат доколку поединец не може да најде директна поврзаност за себе.
„Доколку некој рече `сите правници крадат`, тогаш јас, како правник, не можам да го тужам за клевета доколку не покажам дека таквото импутирање се однесува директно на мене“, напиша Батиа на Твитер.
Законите за клевета во Индија се легислатива од британската ера, според кои за сторен прекршок се одредува парична казна или максимална казна затвор од две години.
Рахул Ганди е наследник на политичката династија Нехру-Ганди, која има дадено три премиери на Индија. Неговиот прадедо, Џавахарал Нехру, беше првиот и најдолгорочниот премиер на Индија, неговата прабаба, Индира Ганди, беше првата жена премиерка на државата, додека неговиот татко, Раџив Ганди, беше најмладиот индиски премиер.
Партијата на која е лидер – Индискиот национален конгрес, владееше во Индија речиси без престан од независноста во 1947 година до 2014 година, кога партијата на Нарендра Моди – Индиската народна партија, ја презеде власта со доминантна победа на изборите.