Кај спиралните скали кај ГТЦ деновиве „никна“ конструкција за лифт, што предизвика реакции меѓу архитектонската фела и граѓаните, особено што се работи за објект – обележје на Скопје и репрезент на македонска современа архитектура, дело на Живко Поповски.
Даница Павловска – Циги, архитектка и дел од иницијативата „Го сакам ГТЦ“, повикува на разумност и реакции од надлежните. Потенцира дека уште од првиот ден кога се прошири фотографијата за лифтот, за неа било разочарувачки што некој се осудил да доградува кај ГТЦ, до симболот што го гушкаа илјадници граѓани.
Веднаш побарала да ја прими директорот на ГТЦ. Се организирала средба со менаџерскиот тим, каде бил презентиран проект за лифтот.
„За да функционира лифтот, срушена е бетонската ограда од самиот објект на ГТЦ. Така да, целата постапка има повеќе димензии. Да не зборуваме за авторски права, посегнување по нешто што е неприкосновено – ГТЦ како комплекс, структура и систем. Ако менаџерскиот тим смета дека ова е некој приоритет, тогаш, веќе им реков дека страшно многу грешат. Пред се’, сметам дека како стопански субјекти, како одговорни лица – не смееле да прават дивоградба. Одобруваа на она што го говорев, дури ми рекоа дека се стопирани. Грешката е направена, ужасна е, но може да се поправи“, вели таа за Радио МОФ.
Но, Павловска нагласува дека е вознемирена како професионалец и фронтмен од „Го сакам ГТЦ“, од фактот што не е извлечена поука од минатото. Свесноста за вредноста на ГТЦ, смета таа, очигледно, се’ уште не постои.
Според неа, симптоматично е што лифтот не доаѓа до нивото на т.н. „зелена градина“, па прашува дали постои некој друг интерес, на нивото под „зелениот покрив“.
„Се сомневам дека е поставен таму од други причини. Затоа сугерирав, ако имаат некаков проблем што сакаат да го разрешат, постојат професионалци. Дали од правна, естетска, економска природа. На крајот на краиштата, таму има и архитект, кој секако нема да дозволи да се сквернави културно наследство“, нагласува Павловска.
Таа потсетува и за законите поврзани со ГТЦ. Значајните објекти во центарот имаа утврдено ниво на заштита, за потоа ГТЦ да биде исфрлен од таа листа, па сега новата листа со ГТЦ, вели таа, е низ процедура да ја усвои Собранието.
„Toa e важно како правен статус на заштитата на ГТЦ. Мојот совет е општина Центар брзо да го разреши со Решение за рушење и Решение за доведување во претходна состојба. Во спротивно, ако се одовлекува и продолжи со градба, стојам пред ‘Го сакам ГТЦ’ и мобилизација на ова движење. Сите тие луѓе се спремни уште еднаш да застанат пред ГТЦ, ако треба повторно ќе има ‘гушкање’. Потребна е колективна осуда да се избрише ова од тлото, и од меморијата. Да се искажат принципи, да се гради однос кон архитектонското и градителско наследство“, потенцира Павловска.
На реакциите се приклучи и архитектот од „Радиус архитекти“ и претседател на Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ), Мартин Пановски.
„ГТЦ мора да се развива. ‘Би се користел за лица со посебни потреби и мајки со деца. Лифтот сега се градел и затоа не бил убав. Чинел 65.000 евра’. Ова се изјавите на Управителот на ГТЦ АД Скопје. Намерно го потенцирам ГТЦ АД Скопје зошто мора да стане јасно дека ГТЦ не е само на едно АД кое може да прави што сака со архитектурата на објектот ГТЦ. И да не станува збор за наградуван објект за кој многу пати како Архитекти сме го кажале мислењето, сепак станува збор за објект во центарот на главен град на една држава и недопусливо е кон тој објект да се однесувате со ‘пиљарски’ менталитет. Уште една тезга, па фриждер, па тенда. Да ве потсетам на дуќанчето под скалите“, реагира Пановски.
Тој потенцира дека, точно – ГТЦ мора да се развива. Но, вели Пановски, пред да се развива, менаџментот треба да исчисти, па да види дали ќе се вратат муштериите и дали можеби е тоа проблем.
„Потоа реновирајте го, таков каков што е. Запалете светло и нека не ве мрзи прегорените светилки да ги менувате. Всушност видете дали управувате со АД-то као што треба или не, па потоа гледајте дали објектот има проблем или проблемот е управувањето. ГТЦ е пристапен за лица со посебни потреби и мајки со деца и без лифтот. Е да, можеби треба да се пооди малку повеќе, што всушност е и целта на шопинг центрите. Ама зошто АД-то би се занимавало со тоа. Сигурно ако ставиме уште една ‘тезга’ ќе се развиеме“, нагласува претседателот на ААМ.
На изјавите дека „лифтот ќе биде убав“, Пановски иронично ги замолува архитектонските факултети да го повикаат ГТЦ АД Скопје да одржи експертско предавање на тема „Убави лифтови како услов за развој“.
„Всушност не. По прикладно би било ‘Убава архитектура’ да не го стеснуваме изборот само на лифтови, има убавина и во дуќанчиња под скали. И да чини нула евра местото не му е таму. Аплауз за инвестицијата изгледа треба овде? Е нема“, реагира Пановски, потенцирајќи дека е излишен коментар дали е потребен лифтот и дали ќе го наруши објектот.
Архитектката Сара Симоска од колективот „МЕЛЕЕМ“, на прашањето за коментар за лифтот, ни испрати нејзин став искажан преку социјалните мрежи:
За ситуацијата со лифтот се обративме и до Општина Центар. Чекаме одговор за нивните надлежности и можноста за реакција за конструкцијата, со оглед што лифтот се наоѓа на општинска територија.
Претходно, директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски за СДК рече дека лифтот првенствено ќе биде наменет за лица со инвалидитет и мајки со деца. Тој смета дека панорамскиот лифт нема да го наруши изгледот на ГТЦ, туку, напротив, ќе му даде атрактивност на објектот. Изградбата на лифтот чини 4 милиони денари (околу 65.000 евра).
„Нормално дека сега не изгледа убаво бидејќи се гради. Не е наменет само за зелениот покрив туку ќе има пристап до подрумот, приземје, прв кат и на покривот. Потребно е вакво нешто, бидејќи лифтови има само на средина во трговскиот кои се многу користени. ГТЦ мора да се развива“, изјави Трајчевски за СДК.
Бојан Шашевски