Ликовната колонија Галичник со учество на десетина домашни и странски уметници ќе се одржи и годинава во периодот од 12 до 20 август во селото Галичник.
Организаторите информираат дека овој пат се менува медиумот на колонијата кој ќе се движи во насока на дигиталната уметност и новите медиуми како интернет уметност, компјутерската уметност, дигиталната
фотографија и графика, видео инсталациите, виртуелната реалност.
„Секоја година колонијата има тема, а оваа година фокусот е на Колонизација/Деколонизација на природата, како многу важно прашање во еколошката, политичката и проблемите со доминацијата на Капиталот(во ерата на Капиталоценот) кои се наметнаа како сериозен интерес во областа на современата уметност и нејзините транс-тактики. Зошто е ова важно за глобалниот процес на (еколошка) ментална трансформација кон посвесни општества и нејзината иднина?“, се вели во најавата за колонијата.
Дел од Ликовната колонија Галичник 2023 ќе бидат уметниците Аница Вучетиќ (Србија), Јелена Владушиќ (Србија) Калин Серапионов (Бугарија), Пенка Минчева (Бугарија), Ефи Фурики (Грција), Фуруја Такахиса (Јапонија), Ларс ден Хертог (Холандија), Ил Џафери (Косово), Иван Блажев (Северна Македонија) и Филип Велковски (Северна Македонија).
На 17 и 19 август во 19:30 часот во амфитеатарот Упија ќе има јавни претставувања на уметниците, а на 19 август во Упија од 11:30 часот ќе се одржи работилница со деца.