„Секси маало“ е младинска емисија на Радио МОФ која се емитува секоја втора среда од 12.15 часот, изминативе осум години. Во неа може да се слушнат разни информации за сексуалното и репродуктивно здравје прилагодени за младата публика.
Лина Даневска е дел од тимот што ја подготвува содржината на емисијата, а воедно и членува во здружението ХЕРА- Асоцијација за здравствена едукација и истражување. Во продолжение, таа ги споделува целите и процесот на снимање на нивната емисија.
Информациите во емисијата се релативно насочени кон младата публика. Зошто е важно сеопфатното сексуално образование (ССО) за психолошкиот развој на младите?
Процесот на ССО опфаќа седум развојни компоненти кои се насочени кон остварување на врски, не само меѓу партнер/ка, туку врски и односи во целост. Темите како род, насилство и задоволство го опфаќаат токму тој психички развој на еден човек или дете, затоа и почнавме да работиме со основци кои се вклучени во „ХЕРА Млади“ како волонтери, истовремено се и гости во емисијата. Ги насочуваме кон тоа да донесат правилна одлука, да знаат да кажат „не”, тоа е од особена важност.
Колкаво влијание има едукативната емисија, колку може да придонесе во оформување на ставови и мислења поврзани со оваа проблематика?
Во однос на формирање ставови и мислења, се обидуваме да опфатиме теми кои не се зборуваат, публиката нема кај да ги слушне или теми кои се табу кај нас. Мислам дека вршиме влијание во оформување на одредено мислење, притоа се обидуваме да дадеме вистински факти бидејќи е важно да зборуваме отворено за сексуално образование. Верувам дека со едукација од емисиите младите луѓе се охрабруваат да зборуваат отворено на овие теми и сметам дека има промена на ставовите.
На кои проблеми ставате акцент во емисијата?
Веќе осум сезони сме во етерот на Радио МОФ, слушаноста на емисиите ни се менува во зависност од тоа колку сме активни на социјалните мрежи. Секогаш гледаме во емисијата да вметнеме млади луѓе, притоа да им се даде простор за волонтирање. Разговорите вклучуваат прашања за проблемите околу сексуално преносливите болести, сексуалните права и емоции.
Во вашата емисија гостуваат и претставници од здравствените и образовните институции. Колку тие придонесуваат за либерализирање на ставовите за сексуалното образование?
Мислам дека имаат голем удел, во емисијата досега гостувале медицински лица или лица од центрите за сексуално и репродуктивно здравје. Разговараме со нив колку е важно отворено да работат со млади и тие да ја отфрлат стигмата кон професијата гинеколог, уролог, дерматолог. Мислам дека тоа е од голема помош кај младите луѓе во пристап кон овие теми, кон посета на советување или преглед. Токму затоа ги покануваме стручните лица во емисија, бидејќи зборуваат отворено, исто така можат да поставуваат прашања на фејсбук во било кое време, дали на фејсбук страницата на Секси маало или веб – страницата на „ХЕРА“. Тие кажуваат во кое време се активни и кога може да закажат преглед кај психолог или доктор.
Како ги наоѓате темите за емисијата?
Најчесто тоа го правиме со гостите во нашата емисија, тоа се лица кои работат секојдневно на терен на оваа тема едукатори или сениор едукатори за сексуално образование и луѓе од невладини организации. Со ова сакаме да ставиме до знаење колку оваа тема е важна и го правиме ова во последниве неколку години. Иако сеопфатно сексуално образование е една голема тема и опфаќа голем број компоненти, гледаме за секој од тие компоненти да повикаме некој кој е гласен за нашето општество, познат активист да зборува на оваа тема.
Може ли да ни откриете интересна случка од снимање на емисија, воедно како би ја опишале дружбата и енергијата на тимот?
Имаме доста интересни моменти од снимање, особено на емисии кои што одат во живо. Би го издвоила моментот каде што водителите велиме се гледаме, а зборуваме на емисија кај што луѓето не слушаат, така што често добиваме опомени од типот не се гледате, се слушате. Дружбата ни е многу интересна, меѓутоа летниот период не сме актуелни и кога ќе се вратиме на работа сите чувствуваме дека ни недостигала енергијата во радио. Имаме одлична дружба со луѓето од МОФ и затоа имаме снимено толку голем број на сезони таму.
Како обуките на ХЕРА за сексуалното и репродуктивно здравје придонесува кон борбата против расната дискриминација?
Во однос на тоа дека сите едукации на ХЕРА се за сите и секого, ние се обидуваме изминативе години да одиме во средини со мултиетничко население, албански заедници, ромски заедници затоа што луѓето ретко се осмелуваат да зборуваат кога станува збор за вакви теми. Во оваа генерација на едукатори има и едукатори од друга етничка припадност, тие многу помагаат во самата организација и меѓу младите волонтери, исто така и во пошироката јавност за ширење на ставови за прекин на расната дискриминација.
Дали во текот на едукативните обуки соработувате и со други организации?
Да, добиваме помош од други организации, на сите едукации одиме со претходно изработен прирачник за сексуално образование во чија изработка учествувале голем број организации и експерти. Имаме заеднички ко-едукации со експерти од други организации, на пример „Заедно сме силни”, Коалиција „Маргини” и останати.
Емисијата нуди можност да се слушнат сугестии и критики, со тоа што се обезбедува медиумски простор за поддршка на иницијативата на организацијата ХЕРА. Колку медиумите помагаат во пласирање на корисни информации за сексуалноста?
Од наше искуство не многу, би ја издвоила емисијата „Крик” на Радио МОФ која имаше опфат на таа тема, ретко наоѓаме простор каде што може да се зборува отворено и да се допре до пошироката јавност за оваа тематика.
На какви активности работи „ХЕРА Млади“?
Освен едукациите што се одвиваат во основни и средни училишта низ цела Македонија, во емисијата има активности во кои се вклучени млади луѓе, а тоа се волонтерските проекти кои што ги има ХЕРА преку целата година. „ХЕРА Млади“ зема учество на познати настани на пример Д-Фест, организирање на настани како што беше настанот „Философија со професорот Сидо”, така што зборуваме на овие теми на едно поинакво ниво. Тука се и настаните кои одбележуваат познати датуми, на пример на 26 септември се одржа Меѓународен ден на контрацепција, каде што„ХЕРА Млади“ организираа настан на Школка. Тоа е едукативен настан каде што луѓето може да се информираат за сите аспекти на контрацепцијата. Со ваков тип на настани, се обидуваме овие теми да не се учат само на часовите по биологија, туку да ги претставиме на младите луѓе на еден поинаков и поинтересен начин.
Ангела Илиевска
*Интервјуто го направивме пред Владата да ја прифати Информацијата на Министерството за образование и наука за воведување пилот-програма за Сеопфатно сексуално образование во 9-тиот степен на основното образование во четири училишта, во чија изработка учествуваше и ХЕРА.