Во понеделник (22-ри април), Ромаверзитас во соработка со Младинскиот образовен форум (МОФ), за првпат во Македонија организираат јавна дебата според форматот „Линколн-Даглас“, кога наместо во тимови, се дебатира „Еден на еден“.
Настанот ќе се одржи во просториите на клубот ГЕМ (Стара чаршија, Менада) со почеток во 17 часот. По форматот „Линколн-Даглас“ ќе дебатираат двајца соговорници, едниот со афирмативен, а вториот со негациски став.
Младите дебатери ќе аргументираат на повеќе тези поврзани со позицијата на младите во Република Македонија. Притоа ќе се дебатира на следниве теми: „Младите во Македонија немаат иднина на професионален план“, „Младите во Македонија треба да се вклучат во активностите на политичките партии“ и „Социјални бенефиции на младите во Македонија треба да бидат исти со оние на пензионерите“.
Дебатниот формат „Линколн-Даглас“ или попознат уште како дебата „Еден на еден“ настанал според првиот претседателски дебатен двобој помеѓу двајцата познати кандидати за претседател на САД.