Онлајн сликовници на повеќе јазици, пристап до светската дигитална библиотека и наставни апликации за учење јазици, се дел од активностите кои Министерството за образование ги препорачува на родителите за време на изолацијата против коронавирусот.
“Основците и средношколците не одат на училиште, не посетуваат настава. Помалите од нив не посетуваат градинка. Но, тоа не значи дека образовната надградба треба да застане. Напротив, има многу начини како децата да продолжат да се едуцираат и во вакви вонредни околности, во домашни услови“, пишуваат од Министерството.
Во прилог, МОН предложи листа на бесплатни и слободни за користење дигитални платформи, апликации и содржини што може да бидат корисни за едукација на младите, потсетувајќи ги родителите и старателите активно да учествуваат во учењето на своите деца.
“Родителите и старателите треба ја користат технологијата како една состојка од процесот на учење во кој има интеракција и со други луѓе, знаејќи дека технологијата сама по себе не може да го замени присуството и насочувањето на наставниците или родителите. Ова важи особено за помалите деца.
Да ги заштитат личните податоци на децата. Родителите и старателите треба да ги проверат дигиталните извори што ги користат децата и да ги избегнуваат оние што не изгледаат безбедно или оние каде се бара давање на детални лични податоци. Идентитетот на децата, нивната локација, националната или верска припадност не треба да бидат меѓу бараните информации за пристап до наставните ресурси“, стои во соопштението.
Достапни се сликовниците “Дружината МЕЛА“, онлајн сликовници на македонски и албански за предучилишни деца и помали деца што посетуваат основно образование, „Чекор по чекор“, дигитални сликовници за раскажување на македонски, албански, турски и босански јазик за деца од предучилишна и училишна возраст, како и аудио сликовници на знаковен јазик и активности за дигитално учење.
Светска дигитална библиотека, ја унапредува писменоста во пониските одделенија така што дава пристап до дигитални книги, приказни за деца и други четива на повеќе јазици, а може да се користи на компјутер.
„Раскажувач“ е дигитална база на повеќејазични приказни за деца, а може да се користи преку мобилен уред и компјутер.
Достапни се и апликациите за учење на стански јазици, како „Akelius“, апликација за учење јазици и интернет-платформа чиј фокус се децата кои сѐ уште не го зборуваат добро својот мајчин јазик, а имаат потреба да научат странски јазик. Апликацијата е достапна на мобилни уреди, компјутери и преку Google Play. Преку неа, може да ги изучувате грчкиот, англискиот, францускиот и шведскиот јазик. Апликацијата исто така може да се преземе преку Google Play.
„Duolingo“ е апликација за учење јазици до која се пристапува преку мобилен уред и компјутер. Таа е достапна преку Google Play и App Store.
Во склоп со дигиталните сликовници и апликации за странски јазици, достапни се и платформи за основи на писмености математика.
Платформата „Age of Learning“ („Доба на учење“) нуди три производи и тоа, „ABC Mouse“, „Reading IQ“ и „Adventure Academy“, кои се поттикнува писменост и учење математика од рана возраст.
„Adventure Academy“ како целна група има малку поголеми деца. Во одговор на КОВИД-19, оваа компанија на УНИЦЕФ му даде код за бесплатно преземање на производите за користење поради затворањето на училиштата. Достапно на англиски и (делумно) на шпански јазик.
Ако кодот AOFLUNICEF се внесе на следниве линкови, може да пристапите до секоја поединечна апликација и тоа, „ABC Mouse“, „Reading IQ“ и „Adventure Academy“ .
„ABCmouse“ („АБЦглувче“) ги опфаќа сите клучни образовни области, вклучувајќи читање и јазик, математика, природни науки, здравје, општествени науки, уметност и музика. „ABCmouse“ е дизајниран за да го стимулира учењето кај децата, и вклучува над 11.000 наставни активности, при што секоја активност е поединечно осмислена за да ги привлече децата, а и да потпомогне во остварувањето на основните наставни цели.Платформата вклучува пристап до прилагодливи, засновани на игра програми за совладување математика и совладување на читањето.
„Adventure Academy“ („Авантуристичка академија“) е образовна масовна интернет-игра со повеќе играчи за ученици од основни и средни училишта. Содржи илјадници интересни наставни активности кои се откриваат при трагањето низ интерактивниот виртуелен свет. Стручно дизајнирана за да обезбеди високо интерактивна образовна средина, апликацијата се фокусира врз градење критички знаења и вештини по јазик, математика, општествени науки, природни науки.
„ReadingIQ“ („Читачка интелигенција“) е програма дизајнирана од експерти за унапредување на писменоста и поврзување на децата на возраст до 12 години со книги што се соодветни за нивното одделение и читачка способност. Од прекрасно илустрирани сликовници, преку популарни серии и стрипови, па сѐ до илустрирани приказни за деца, цртани романи и книги за различни наставни предмети, „Читачка интелигенција“ претставува лична наставна библиотека која им помага на децата да се развијат како читатели.
Се препорачуваат и наставни платформи со разни содржини, особено за повозрасните, мотивирани ученици, или за учење со активно вклучување на старателите.
„Alison“ нуди бесплатни интернет-курсеви за различни предмети кои се достапни преку компјутер. Одлична платформа за изучување на англикиот, шпанскиот францускиот италијанскиот и португалскиот јазик.
„Coursera“ нуди интернет-курсеви што ги држат наставници од признати универзитети и од познати компании, а апликацијата е достапна за мобилни уреди и компјутери.
„EdX“ нуди бесплатни интернет-курсеви на образовни институции од светот. Достапна е мобилни уреди и компјутери преку Apple store, Google Play, а повеќето курсеви се на англиски.
Отворена наставна платформа со збирка ресурси за писменост и математика, достапна на мобилни уреди и компјутери.
„Kolibri“, дигитална платформа со отворен код наменета за заедници со ограничени ресурси, која функционира и без пристап до интернет.
Постојат бројни бесплатни интернет-ресурси за деца и млади преку кои тие може да учат ИКТ и програмирање. Ги има за различни возрасти, дури и за предучилишна возраст, како и за учење на разни програмски јазици. На веб-страницата на „IT Girls“ („ИТ Девојки“) може да најдете листа со достапни ресурси.
Уште поголем избор на едукативни содржини може да пронајдете и на следниов линк.