Литванија им дава на мигрантите по 1000 евра за да се вратат во Ирак

Најголемата мигрантска група која ја помина литванско-белоруската граница во пикот на новата мигрантска криза се врати во Багдад, пренесува „Евроњуз“.

На 98 Ирачани им биле понудени еднократни исплати од 1000 евра за да се качат на летот кон Ирак.

Според литванското Министерство за внатрешни работи, враќањето не било присилно, туку волонтерско.

„Направивме проценка колку државни пари се трошат за еден мигрант. Основниот трошок за издржување на еден мигрант годишно е 11.000 евра. Очигледно е дека за нас е поисплатливо да понудиме бенефити, како купување на авиобилети или организирање на авионски летови за да се соочиме со помалку предизвици и помалку проблеми“, изјавила Агне Билотате, министерката за внатрешни работи.

Од почетокот на мигрантската криза, од Вилнус, главниот град на Литванија, избркани се 500 мигранти кои стигнале од Белорусија. Над 3000 мигранти се’ уште се наоѓаат во литванските мигрантски центри.

„Мораме да почнеме со размислување за тоа што ќе се случи кога мигрантските центри ќе се затворат. Треба да почнеме да зборуваме за интеграција. Инаку, мигрантите ќе се обидат да стигнат во другите европски земји“, изјавил Томас Раскевичиус од литванскиот Парламентарен комитет за човекови права.

Полска, Латвија и Литванија, како и ЕУ, САД и останатитe западни земји ја осудија Владата на Александар Лукашенко за користење на мигрантите за решавање на политички проблеми. Минск и Москва ја обвинија Европската Унија за кризата и судбините на мигрантите.