Љупчо Константинов добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“

Друштвото на филмски работници на Македонијаму ја додели наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на композиторот Љупчо Константинов.

„Оваа награда востановена во 2013 година е замислена како признание за посебна контрибуција за македонскиот филм и од самиот старт критериумот е дигнат толку високо што навистина не е лесно да се најде кандидат и достоен лауреат иако, се разбира, секогаш меѓу нас има такви постојат и да се следи тоа ниво“, изјави претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија, Игор Иванов на прес-конференцијата посветена на 40 години фестивал „Браќа Манаки“.

Љупчо Константинов

Тој вели дека и оваа година било исклучително тешко да се дојде до вистинското име на човекот кој би ја понел оваа награда.

„Предлози имаше малку и имаше аргументи и за и против кои од предложените треба да биде награден годинава, а кој можеби треба да почека за година или две понатаму, се’ додека се предложи овој добитник и веќе не постоеја дилеми кај ниту еден член на ДФРМ“, дополнува Иванов.

За Константинов вели дека е човек кој со посебна боја ги „обои“ филмовите како „Среќна нова ‘49“ и „Тетовирање“, а спомена дека има соработувано со имиња како Паоло Маѓели, Томаж Пандур, Пенелопе Круз, Бранко Гапо, Столе Попов и други.

„Овој човек блескаше, имаше извонредна кариера и како секој голем уметник во еден миг го снема. Некако помалку слушавме за него. За да сега, на 76- годишна возраст да се врати на голема врата и сега постојано работи, главно во странство, во Италија, Хрватска, нешто и во Македонија и е повторно на големите театарски, телевизиски и филмски сцени“, рече Иванов.

На прес-конференцијата беше презентиран и видео-спотот изработен по повод јубилејот на фестивалот, чиј автор е режисерката Дина Дума.

Свое обраќање на прес-конференцијата имаше и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска која вели дека оваа година, од Општина Битола го поддржале фестивалот во делот на организацијата со 400 илјади денари, како и во делот на сместувачките капацитети за гостите во висина од 2.5 милиони денари.

Фатих Акин

Директорката на „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска информираше дека специјални гости на овогодишното фестивалско издание ќе бидат светски познатиот режисер кој е добитник на награди како „Златна Мечка“ во Берлин, и „Златен глобус за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје“, како и кинематограферот Рајнер Клаусман.

Ана Василевска селекторка на изборот на македонски филмови вели дека од оваа година, на фестивалот „Браќа Манаки“ се воведува награда од публиката за најдобриот македонски филм, а програмата „Макпоинт“ ќе понуди 14 најнови, краткометражни, документарни и анимирани филмови.

„Жанровската и тематската разновидност, која осцилира од ултра урбани и модерни приказни до тие кои се фаќаат за традиционални или интригантни теми од актуелниот општествен миг, ќе ни дадат јасен увид каде се насочени и авторите и ќе нè прошетаат низ нивниот сензибилен приод“, рече Василевска.

Василевска додаде дека последниот филм на Стефан Сидовски – Сидо, „Последното кафе“ премиерно ќе биде прикажан во рамки на оваа фестивалска програма.

Уметничкиот директор и селектор на главната програма, Благоја КуновскиДоре, откри четири наслови од годинешната конкуренција на филмови, чии кинематографери ќе се борат за престижните награди.

Еден од насловите за главната програма е кинескиот филм „Езерото на дивите гуски“/”THE WILD GOOSY LAKE”, за кој Куновски вели дека се работи за застрашувачка хроника на современото кинеско општество, со гангстерското подземје, што е цената на „прогресот“.

„Вториот филм од секогаш привлечната програма на Канскиот фестивал  – Извесен поглед, тоа е бразилскиот ‘Невидливиот живот на Еуридисе Гузмао’/’THE INVISIBLE LIFE OF EURIDICE GUSMAO’, драма за две сестри трагично разделени низ период од неколку децении во ефектна режија на Карим Ајнуз, со визуелно зашеметувачката мајсторија на една од водечките француски кинематограферки Хелен Лувар.

Го имаме и освојувачот на Златната мечка во Берлин, што како одлука на берлинското жири ја потврдив и согласен сум со тој избор, за разлика од канската Златна палма, тоа е израелскиот филм ‘Синоними’/’SYNONIMES’ на режисерот Надав Лапид, внатрешна психо експлозија на млад Израелец, кој, бегајќи од својот идентитет, осамнува во Париз, а кинематограферот Шаи Голдман, неговата урбана одисеја ја следи како визуелен сведок.

Од фестивалот во Карлови Вари сега ќе го откријам филмот од главната програма, според мене еден од трите најдобри, а тоа е германскиот филм „Лара“ на режисерот Јан-Оле Герстер, во кој откритието на фестивалот „Браќа Манаки“ , сега искусниот водечки германски кинематографер Франк Грибе ни ја доближува интимната морално – психолошка драма на мајката Лара“, вели Куновски.

Селекторот на програмата Европски филмски перспективи, Слаѓан Пенев, вели дека во програмата се вклучени 17 филмски продукти, кои првенствено се вклучени поради како што вели, одличните приказни кои ги раскажуваат, но и поради нивниот силен авторски печат.

„Секако, покрај приказната, многу важен аспект за селекцијата беше и кинематограферскиот аспект, разбирливо, поради статусот кој го има оваа филмска компонента во нашиот фестивал. И конечно, но не помалку важно, се обидовме колку што е можно повеќе да вклучиме горливи социјални теми од современиот живот – сиромаштијата, маргинализираните лица, насилството врз жените и доселениците (малцинските етнички и религиозни групи), кои всушност ја потврдуваат и актуелноста на некои од најдискутираните етички дилеми во европските општества“, рече Пенев.

Селекторот на Студентската програма, Ѓорѓи Пулевски информираше дека годинава програмата ќе трае подолго од вообичаеното, од 15 до 20 септември и ќе се одржува во малата сала на Центарот за култура во Битола.

„Студентското катче при јубилејното 40-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ како и лани, така и оваа година ќе го задржи рекордниот број на поканети академии и гости. 15 филмски академии и нивните студенти од Македонија и од регионот ќе ја сочинуваат програмата кон која фестивалот „Браќа Манаки“ покажува сериозна  посветеност и искреност. А по проекциите на филмовите, програмата е дополнително збогатена и со кратки формални и неформални дискусии“, вели Пулевски.

Тој напомена дека во рамки на Студентската програма ќе се одржат три работилници.