„Лоцирање на балканскиот рис“ – предизвик за студенти

Студентите од С. Македонија имаат можност да аплицираат за учество на иновациски камп посветен на предизвикот „Лоцирање на балканскиот рис“, каде ќе имаат можност во рок од 48 часа во тим од 5 луѓе да работат на креирање на најиновативно решение.

Станува збор за предизвик кој е во склоп на проектот „Иновациски кампови во сорабока со Мрежата за искуствено учење“, кој го реализира Здружението LEAD со финансиска поддршка на УНИЦЕФ и Шведска.

КОЈ Е ПРЕДИЗВИКОТ?

Во моментот балканскиот рис се заловува во посебно поставени кафези. Кафезот е во форма на правоаголна кутија со излез/влез каде се поставени по една подвижна врата. Вратите се активираат исто времено и се поврзани на средина од замката. Имено, штом животното дојде на средината од кафез замката, се активираат вратите и тие се затвораат. До сега ова функционира на два принципи. Едниот е на начин така што се поставува конец на висина на граден кош на рисот и штом го допре конецот замката се активира, додека пак другиот начин е со нагазна платформа. Во овој случај замката е активирана штом животното ќе стапне на платформата. Овие два случаи имаат и свои недостатоци, често се случува рисовите да го видат конецот и да го прескокнат, или пак да не нагазат на платформата.

Со поставувањето на систем кој што ќе ги активира вратите при детекција на животно значително ќе се зголемат шансите за заловување на рисови.

ЦЕЛ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРЕДИЗВИКОТ?

Потребно е да се развие систем кој што ќе работи ефикасно затворање на кафез-замката при детектирано движење, користејќи сензори за движење. Со тоа ќе се развие решение што ќе придонесе за ефикасно заловување на балканскиот рис за негово следење во С. Македонија.


Повикот е отворен за сите студенти од природните и техничките науки кои што се запишани на еден од акредитираните македонски универзитети. Студенти од општествени науки ќе бидат земени во предвид само доколку имаат специфично искуство во делот на природните и техничките науки како и животната средина, а поврзани со специфичниот предизвик.

Победничкиот тим добива 120.000 денари за реализација на решението.

Повеќе информации и формата за аплицирање може да се најде на следниов ЛИНК.