Локален референдум во Париз за тоа дали уште 500 улици да станат пешачки зони

Граѓаните на Париз денеска на референдум гласаат за да одлучат дали уште 500 улици во градот треба да станат пешачки и зелени зони, што е нов напор на лево наклонетото градско собрание на француската престолнина за ограничување на користењето автомобили и подобрување на квалитетот на воздухот, јавува Ројтерс.

Ова е трет ваков референдум во Париз во исто толку години, по гласањето во 2023 година со кое беше одобрена забраната за електрични скутери и минатогодишната одлука за тројно зголемување на таксите за паркирање на големите теренци.

„Во изминатите 25 години, постепено го вративме јавниот простор за пешачки сообраќај, за лесен сообраќај, како и за зелени улици за да создадеме бели дробови во населбите, местата каде што живееме“, изјави заменик-градоначалникот Патрик Блоче.

Податоците од градското собрание на Париз покажуваат дека сообраќајот со автомобили во градот е повеќе од преполовен откако социјалистите ја презедоа власта на почетокот на векот.

Доколку се изгласа, со референдумот ќе се укинат дополнителни 10.000 паркинг места во Париз, покрај веќе отстранетите 10.000 од 2020 година. Два милиони жители на главниот град ќе бидат консултирани за тоа кои улици ќе станат пешачки зони.