Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера го потпиша решението за распишување на локални избори за 17 октомври, за избирање на членови на советите на општините и на Советот на Град Скопје, за градоначалници на општините и градоначалник на Скопје. Вториот круг од изборите во местата каде што нема да биде избран градоначалник во првиот круг треба да се одржат на 31 октомври.
Според изборниот законик кампањата започнува 20 денови претходно, а во тој период, како што најави Џафери, Собранието нема да одржува пленарни и комисиски седници.
„На овој начин им се овозможува на политичките партии и нивните кандидати целосно да се посветат на изборната кампања и на барањата на граѓаните, истовремено избегнувајќи можност кампањата да се пресели во собраниската пленарна сала. Секако, не ја исклучувам можноста за свикување на итна седница на Собранието во овие 20 дена, доколку состојбата во државата го наложи тоа“, изјави Џафери.
Истовремено, тој апелираше до сите учесници во изборниот процес целосно да ги почитуваат Уставот, законите и да се однесуваат согласно Етичкиот кодекс.
Инаку, ова ќе бидат седми локални избори од независноста на државата.