Некои баратели на азил кои пристигнале во Обединетото Кралство со мали чамци или камиони би можеле да бидат електронски следени како дел од пилот-проект на британското Министерство за внатрешни работи, пренесува Ал Џазира Балканс.
Едногодишниот пилот-проект може да влијае на возрасните кои треба да бидат депортирани од Обединетото Кралство по пристигнувањето во земјата на „опасни или непотребни рути“, ги цитира Би-Би-Си властите, без да објасни што се подразбира под „непотребни“.
Први кои ќе бидат следени најверојатно ќе бидат луѓе кои успешно го оспорија своето преместување во Руанда оваа недела. Критичарите велат дека со таквиот план кон оние кои ќе бидат следени се постапува како со криминалци.
Пилот проектот беше најавен ден откако во последен момент и по интервенција на Европскиот суд за човекови права е откажан првиот лет од Обединетото Кралство до Руанда.
Министерството за внатрешни работи пишува дека пилот-проектот кој веќе почна да се спроведува во Англија и Велс би покажал дали електронското следење на барателите на азил го подобрува решавањето на нивните барања.
За лицата кои се следени по електронски пат може да биде воведен полициски час, а оние кои нема да го почитуваат може да бидат вратени во притвор или кривично гонети.