*Од КИЦ соопштија дека поради последните најави од временската прогноза, според која постојат можности за врнежи во терминот предвиден за концертот, ја менуваат локацијата и настанот, наместо на Плоштадот „Мајка Тереза“, како што беше најавено, ќе се одржи во Македонска Филхармонија (камерна сала).
„LP Duo“ на 25 јуни (сабота) од 20 часот во камерната сала на македонската Филхармонија, ќе одржи свој концерт кој воедно ќе биде и промоција на албумот „Dead Sea“. Домашна поддршка ќе бидат Дуња Иванова и Dubnotic – проект „Електро-акустична симбиоза“.
Организатор e Културно информативниот центар (КИЦ) – Скопје, oд каде посочуваат дека од 2004 година, пијанистите, композиторите и иноваторите, Соња Лончар и Андрија Павловиќ, познати во светот на музиката како „LP Duo“, експериментираат со бескрајните можности за свирење на две пијана и развивање на нов пристап кон современата пијано музика. Оттогаш, бришејќи ги границите меѓу камерниот ансамбл и рок бендот, велат од КИЦ, тие станаа еден од најавтентичните музички состави, изведувајќи речиси комплетен репертоар за две пијана, како и своја авторска музика.
Досега успешно настапувале на големи фестивали и концертни сали како што се Карнеги Хол во Њујорк, Центарот за изведувачки уметности Џон Ф. Кенеди центарот за сценска уметност во Вашингтон, Мегуро Персимон Хол Токио, Кралскиот театар и операта во Копенхаген, како и турнеи низ Европа, САД и Азија.
„‘LP Duo’ започна како проект на образовани уметници на класичната музика, но нивното истражување и работа во различни уметнички дисциплини и авангардни практики, ја дефинираа оригиналноста на нивната изворна музика, обединувајќи ги навидум неспоивите светови на класичната и популарната култура. За тоа сведочат бројни локални и меѓународни изданија – аудио-визуелни снимки и албуми, меѓу кои се издвојува албумот ‘Duality’ од 2019 година (Universal Music). Дел од снимките од овој албум беа и во изборот на реномираната издавачка куќа Дојче Грамофон“, посочуваат од КИЦ.
Покрај тоа, тие компонираат музика за театар, филм, ТВ, танцова кореографија и проекти за визуелна уметност. Едно од нивните многубројни алтер ега е проектот LP Elektro, додека Андрија Павловиќ е исто така активен под името на проектот Andy Pavlov.
Соња и Андрија се коавтори и водачи на уметничкиот и научниот проект Beyond Quantum Music, кој има за цел да ја истражи врската помеѓу музиката и квантната физика преку создавање нови експерименти кои резултираат со (мултимедијални) изведби во живо. Претходни партнери во овој проект се, меѓу другите, Универзитетот во Оксфорд, фестивалите Ars Electronica Linz, TodaysArt Amsterdam, Институтот за музикологија на SANU, Sonar фестивалот во Барселона и други.
„Во својата досегашна кариера, LP Duo експериментирале со звукот на различни аналогни и дигитални синтисајзери во комбинација со акустични пијана. Во последните години, заедно со група соработници и инженери, тие развиваат сосема нов инструмент – хибридното пијано ‘Duality’. Со додавање на специјален хардвер на акустичниот пијано, тие го поврзуваат со компјутер и успеваат лесно да манипулираат со секој дигитален звук, светлина или видео, поврзувајќи ги акустичните и дигиталните светови. LP Duo беше прогласен за еден од 8-те најдобри пијано дуа во светот на најголемиот светски натпревар Dranoff Miami Two Pianos во Мајами (Флорида) во 2008 година“, велат од КИЦ.
Deutsche Grammophon за нив ќе напише: „Едно од најважните композиторско-изведувачки дуа на современa класика на Балканот, ‘LP Duo’, го претставува својот нов оригинален проект Dead Sea“.
Поддршката на вечерта Дуња Иванова (пијано) и Маријан Зафировски (Dubnotic) – ќе се претстават со проектот „Електро-акустична симбиоза“, за кој од КИЦ објаснуваат дека претставува уникатен спој на авторска електронска музика со акустична соло изведба на пијано со дела на музички автори од областа на минимализмот и постминимализмот.
„Поврзувањето на класичниот акустичен звук на клавишите со електрoника која носи печат на ориентот и прогресивни елементи на традиционалните инструменти одразува естетика со спрoтивставена експресија. Ова ќе овозможи единствено доживување за публиката особено што за прв пат на македонската музичка сцена се отвора можност за поврзување на две сосема различни музички изразни форми во една целина. Дуња Иванова е магистар по пијано, доктор на науки по филозофија, наставник и автор. Концертира со репертоар на современиот звук за пијано, музика од филмското платно, постминимализам. Маријан Зафировски – Dubnotic создава уникатен електронски звук олицетворен во четири авторски албуми, пет ЕП изданија и преку триесет синглови кои што се издадени на различни компилации“, стои во најавата на настанот.
Во склоп на „Електро-акустична симбиоза“ ќе биде изведена програмата: Part, Richter, Tiersen, Einaudi & Neurogenesis.
Настанот на КИЦ е во рамки на манифестацијата „Сите заедно, за сите поубаво“.