„После многу потење во нашата неклиматизирана гаража конечно го снимивме нашиот нов албум насловен ‘Давор’“. Вака младиот рокенрол колектив „Луфтанза“ го соопшти своето последно албумско издание, на кое се наоѓаат шест теми.
„Љубов, лутина, агресија и гласност, мозочно какање на сè и на себеси“, велат од составот за „Давор“.
„Луфтанза“ се Раде Биковски, Лука Јованоски, Мартин Џорлев, Иво Николовски, Андреј Димовски и Виктор Стојановски. Тие се од новиот бран музички рокенрол откровенија што даваат свежина на алтернативната сцена. Во изминативе две-три години брзо растеа во музичка смисла и нанижаа повеќе настапи и свирки, па веќе си имаат солидна фан база, и меѓу младите, и меѓу повозрасните.
Досега веќе ги објавија „Демо тејп 1“, „Демо тејп 2“ и изданието „Мировна тегла“ што беше прв албум снимен во студио. Меѓувреме членовите на составот посебно издаваа музика и со проектите „Стој, после!“, „Дивоградба“ и „Vagina Corporation“.
За новиот албум „Давор“ миксот е на Раде Биковски, a мастерот на Ивица Јанкуловски. Сниматели се Ален Хаџи – Стефанов и Раде Биковски, додека како продуценти се потпишани Ален Хаџи – Стефанов и „Луфтанза“.
„Албумот е снимен во Кино Фросина – МКЦ и кај Мартин кај татко му во соба. Албум каверот сликнат од страна на Лука Јованоски, преработен од Наско Џорлев“, соопштуваат од составот.