Лука Павиќевиќ ќе биде новиот претседател на Сојузот на средношколци, откако вчера победи на изборите за лидер на организацијата во следните две години.
Павиќевиќ добил поддршка од 69 проценти од присутните на Генералното собрание на Сојузот. Втората кандидатка Емира Хусовиќ, пак, доби 31 процент од гласовите.
Павиќевиќ должноста ќе ја преземе на 10 јуни, кога ќе заврши вториот мандат на досегашниот претседател Бленди Ходаи.
„Клучната моја вредност како претседател на Сојузот ќе биде искрената верба дека средношколците се еднакви засегнати страни во сите процеси на одлучување поврзани со нив. Оваа премиса ќе биде изворот на сите иницијативи на Сојузот. Кога сме сплотени, нема нешто што не можеме да оствариме! Затоа, ве повикувам сите вас, да ми се придружите“, стоеше во кандидатурата на Павиќевиќ.
Од Сојузот на средношколци соопштија и дека Генералното собрание ги верифукувало мандатите на 30-те нови младински амбасадори на Сојузот, а бил усвоен и Етичкиот кодекс на Сојузот. Собранието истовремено одлучи да биде основана Алумни асоцијација на Сојузот, за новото раководство да може да го искористи искуството и знаењето на досегашните лидери и активисти.
Претседателот во заминување Бленди Ходаи го затвори Генералното собрание со завршен говор, во кој им посака многу среќа на идните претставници на Сојузот и рече дека се надева дека Сојузот ќе продолжи да биде традиција на македонското општество.