„Мошне е важно внесувањето на вистинските вредности – посветеност, грижливост, емпатија, проактивност – како дел од карактеристиките на една комплетна личност. Бидејќи, чуму ако некој ученик е ‘најдобар’ или ‘најспособен’ или ‘најмногу знае’, ако тоа знаење не го употребува кон оние што имаат поголеми проблеми. Тоа е многу важно, пример, во секое училиште во САД се инсистира на Community service, односно помош кон заедницата. Таква Програма, практично, би барала од учениците да волонтираат на веќе постоечки проекти и иницијативи, дали во организации, или самите да организираат настани за помош. Меѓутоа, тоа нивно волонтерство, таа хуманитарна работа да има еден допирлив, вистински ефект врз самата заедница“, вели во разговор со Радио МОФ Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци.
Сојузот ја продолжува во живот идејата на невладината „Еквалис“. Ваквата идеја за Програма за служење на заедницата се роди пред околу две години, кога се формираше работна група меѓу младински организации и Министерството за образование и наука (МОН).
„Еквалис“ спреми документ, концепт, па бараше средношколците преку училиштата да се ангажираат во собирање донации за социјално загрозени семејства, да волонтираат во центри за лица со атипичен развој, да учествуваат во акции за општествени проблеми и сл. Вакви активности веќе прават дел од учениците, индивидуално, ама тие се надвор од формалниот образовен систем и, како такви, нивната вредност е донекаде непризнаена.
„Ние како средношколско претставничко тело го поддржавме предлогот на ‘Еквалис’, всушност цела работна група консензуално го прифати и беше даден на МОН. Дел од тоа беше ставено во новата Концепција за основно образование. Ќе видиме колку ќе биде имплементирано. Но, бидејќи се’ уште траат подготовките за реформи во средното образование, немаме информации дека таква програма ќе се воведува“, посочува Павиќевиќ.
Програмата да влезе во Граѓанско образование
За да продолжи да живее ваквиот концепт, Сојузот на средношколци сега проблемот го идентификувале од повеќе аспекти и го поврзуваат со она што значи „активен демократски живот“ во една современа држава. Оттука, услужната компонента ја планираат како составен дел од Граѓанското образование.
Предметот би се ажурирал и модифицирал, од една страна да нуди вештини – политичка, финансиска и медиумска писменост, од втора страна да вметне практична компонента за средношколска демократија со претставнички тела во училиштата, а третата компонента е токму таа – вредносната.
„Програмата треба да го даде одговорот на прашањето какви идни генерации сакаме да израснеме преку образовниот систем“, нагласува тој, дополнувајќи дека наредните месеци ќе работат на документацијата и потоа ќе ја пратат до институции и јавноста.
Дијагноза за „младинска неангажираност“
Потребата за проактивност, ангажираност и младинско учество, на линија со должности кон заедницата, може да се увиди доколку се погледнат неколку неодамнешни истражувања. Главните наоди од студијата „Потреби на младите на локално ниво”, спроведена од Здружението „Младите можат“ во декември 2020, покажа дека огромно мнозинство од младите никогаш не биле вклучени во решавање на некаков проблем во општината. Односно 70.4% во Аеродром, 79.8% во Ѓорче Петров и 72% во Карпош.
Исто така, истражувањето „Младинско статус кво – 10 години стагнација“ на МОФ потврди дека за половина од младите грижата кон заедницата не е нивна обврска – релативно е мал интересот за граѓански ангажман, а една четвртина од средношколците не би учествувале во волонтерски активности.
Една третина беа на ставот дека „ништо нема да сменат“.
Над 70 отсто од средношколците сметаат дека другите луѓе ќе се обидат да ги искористат. Уште повисок е бројот кај студентите, 86 отсто, кои сметаа дека при комуникација, другите луѓе нема да бидат фер.
Според друго истражување на МОФ и ВФД, „Социо-политичко учество на младите“, само 8 отсто од испитаните млади биле вклучени или консултирани од институциите при носење на одлуки на локално и централно ниво. Ова, ја покажува и недовербата кон донесувачите на одлуки во системот.
Во поглед пак на должностите од Законот за млади, во анкета на Радио МОФ, само 3 од 16 организации рекоа дека нивната општина обезбедила младински простор. Тоа се токму простори каде младите би се спојувале, дружеле и активирале.
Истовремено, скоро сите организации во нашата анкета наведоа дека имале намалување од 80% на теренските активности во време на пандемијата. Ова значи, требале да ја реобмислуваат врсничката едукација, имале ограничување на волонтерски иницијативи, пропаднати пракси, но и помалку работа со млади на локални акции во заедницата.
Координација и менторирање на ученици
Оттука, преку нова Програма за служба во заедницата, учениците би учествувале во граѓански движења и иницијативи – да се допре до нив додека учат во школо. Таму да се развиваат во луѓе што сакаат да помагаат, да се охрабруваат да бидат корисни. Но, ако Програмата би се интегрирала во Граѓанско образование, прашањето е како би се изведувала во пракса? „Еквалис“ излезе со идеја средношколците да се поттикнуваат на општествено корисна работа преку ментори, низ 10 часа служба. На еколошки, социјални или хуманитарни иницијативи.
Павиќевиќ вели дека од аспект на човечки ресурси, би било потребно да се одвојат посебни часови во едно тромесечие, а учениците би биле информирани какви можности им се нудат во заедницата преку презентации, за време на класниот час и сл.
„Училиштето најверојатно ќе треба да вработи координатор или некој за дополнителни часови, бидејќи наставниците веќе си имаат полно работно време. Таквите координатори би создале мрежа на локални организации и иницијативи. Учениците ќе можат да се вклучат во активност, по желба, а улогата на координаторот е двозначна. Прво, да ги информира учениците за можностите, за потоа да прави и евиденција дека добротворната работа е извршена“, нагласува Павиќевиќ.
Со добротворна работа против социјално отуѓување
На прашањето дали потребата за добротворна работа доаѓа со недостатокот на солидарност и чувство да се даде нешто кон околината, поради се’ поголемо влијание на индивидуализмот, Павиќевиќ тврди дека не е намерата да го напаѓаат индивидуализмот како филозофија.
Според него, индивидуализмот можеби не е толку лош колку што изгледа, бидејќи има позитивни ефекти, многубројни. Но, вели тој, можеби неговата лоша примена, или лошо сфаќање создава социјално отуѓување.
„На накој начин, не е толку проблем ако индивидуата е изолирана, ако е сама, туку она што е вообичаено во средношколските кругови – поделеноста во групи. Ако порано биле етнички, сега постојат и дополнителни поделби, стратификации. Имаме различни супкултури што се разликуваат од најбанални работи, како вкус за музика или вкус за облека, па оди дотаму до политички разлики или најзначајното, разлики во доход на семејството, односно социо-економски разлики“, нагласува Павиќевиќ.
Ваквиот проблем, дополнува тој, создава изолираност каде ученикот се наоѓа во „маѓепсан круг“ или „стаклено ѕвоно“ и нема многу контакти со лица што се разликуваат од Х аспекти, а се потребни за да се комплетира како личност.
„Оваа Програма би помогнала тоа да го адресираме, бидејќи сепак сме мала земја и ќе покаже колку всушност различни животни приказни, колку различни животни искуства има во олку мало место. Уште во т.н. квекерски универзитети, кога Америка се’ уште не била независна држава, било кажано: ‘научи ја теоријата, испробај ја праксата и прави добро’. Ова третово е клучното, мошне важен дел, особено ако се стави како суштинска компонента за визијата на академските институции за тоа што студентите треба да прават со нивното знаење. Oваа Програма тоа треба да го наметне како вредност. Можеби јас имам одлични оценки, имам знаење, активен сум на сите полиња, меѓутоа ако тој капацитет или тие способности не се искористат да помогнат на некој друг, паѓаат во вода“, забележува Павиќевиќ.
Заживување на социјалните институции што зближуваат
Во корелација со ваквите замисли е и ланскиот Форум на „Паблик“, каде се провлече еден заклучок: „Децата веќе не треба да ги прашуваме што сакаат да бидат кога ќе пораснат. Туку, кои проблеми сакаат да ги решат кога ќе пораснат. Каде и како сакаат да помогнат“. Оваа констатација излезе од уста од еден говорник и отвори дискусија за она што треба да значи генерациска ангажираност, во склоп со локалната развојна демократија.
Младите да не прераснат во егоистични личности, туку нивната идна дејност да се заснова на солидарност, заедништво, за потоа тоа да се трансформира во колективен принцип за социјални, образовни, културни или еколошки промени. Односно, на нивниот грб да не се става притисокот за еднонасочен кариерен колосек, бркотница по „статус“, каде попатно се губи желбата да се поврзат со потребите на локалната заедница. Притоа, да се работи и на блискоста меѓу младите.
Павиќевиќ потсетува дека и пандемијата го имала својот ефект, иако индикациите се присутни и пред 2020 година.
„Интересно е дека, на некој начин ја, гледаме смртта на институциите кои ги обединувале порано луѓето, говорам и за Југославија, меѓутоа говорам и за западниот свет воопшто. Без да ги откриваме нашите ставови кон ниту една од нив, ако направиме објективна анализа, гледаме дека недостасуваат социјални клубови. Исто така, не е толку зачестено одењето на театар, постарите генерации се сеќаваат на игранките кои се организирале во домовите на културата или по кафулињата, нема толку често и излегување во парк, како некое поалтернативно место. Со пандемијата беа забранети славите и слични собири, големи роденденски или новогодишни забави не се организираат поради економската криза и сл“, вели тој.
Павиќевиќ се осврнува и на Студијата на ХБСЦ, во однос на губењето на училиштето како институција што ги обединува младите, а треба да прави чувство на заедница.
„Бидејќи, ако се организира некој настан или хепенинг, сите родители донесат нешто од нивниот дом или храна, па подготвуваат, па наставниците носат исто така, децата се спремаат за некаква приредба и сл., се гради тоа чувство на заедница. Нејсе, гледаме дека сите овие институции се некако паднати во вода и дека веќе не ја вршат својата улога и во овој свет на микро-комори, на изолираност, на засебни единки во засебни свои ќелии кои немаат интеракција едни со други, ако порано се одело на кино или театар заедно да се гледа филм или претстава, тоа се прави дома од лаптоп или телевизор“, посочува Павиќевиќ.
Затоа, за него нема сомнеж дека е потребно враќање кон заедницата, како чувство на еден човек, но, вели тој, тоа најдобро да тече „органски“.
„Можеби затоа не е лошо секое училиште Програмата да ја уредува индивидуално, да даде свој шмек, а не да се бирократизира и да каже мора вака, или онака. Да видиме како индивидуално по општини ќе си се одделат и ќе си направат свои верзии, па дури и самите ученици различно ќе ги сфатат овие компоненти“, констатира тој.
Бојан Шашевски