Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко повторно победи на претседателските избори, соопшти утринава изборната комисија, пренесува Н1. Според официјалните податоци, одѕивот на изборите бил 85.7 отсто.
„Можете да ѝ честитате на Белорусија, избравме претседател“, рече претседателот на Централната изборна комисија Игор Карпенко.
Лукашенко освои 86.8% од гласовите на изборите на кои се соочи со четворица противкандидати.
Западните политичари тврдат дека изборите не биле ниту фер, ниту слободни, поради забраната за работа на независните медиуми и затоа што опозициските лидери се во затвор или биле принудени да ја напуштат Белорусија.
„Народот на Белорусија немаше избор. Тоа е горчлив ден за сите кои сакаат слобода и демократија“, рече германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок.
Запрашан за уапсените политички противници, Лукашенко рече дека тие сами ја избрале својата судбина.
„Некои избраа затвор, некои егзил. Ние никого не протеравме од земјата“, рече Лукашенко, кој е на власт 31 година.