На полнолетните лица во Луксембург ќе им биде дозволено да растат до четири стебла канабис во своите домови, според новиот закон што го прави Луксембург првата европска земја која го легализира производството и конзумацијата на растението, пренесува „Гардијан“.
Според официјалното, петочно соопштение на луксембуршката влада, се очекува новиот закон да донесе фундаментални промени во земјата и нејзиниот пристап кон рекреативното користење на канабисот.
Според законот, лицата над 18 години ќе можат легално да одгледуваат до четири стебла канабис во едно домаќинство за лична употреба.
Трговијата со канабис семките исто така ќе биде легална, без никакво ограничување на нивото на тетрахидроканабиолот, важната психоактивна супстанца.
Властите изјавиле дека ќе биде возможно семките да се купуваат во продавници, да се увезуваат и да се купуваат онлајн.
Со новиот закон, конзумацијата и транспортот до 3 грама канабис веќе нема да се смета за криминално дело, туку за ситен прекршок.
„Планиран е систем на државно контролирано производство и дистрибуција на канабис за да бидеме сигурни во квалитетот на производот, а финансиите од продажбата ќе бидат инвестирани во превенција, едукација и здравствена грижа за борба против генералната зависност“, изјавиле извори од властите.
Генералниот предлог-закон за легализација на канабисот во Луксембург бил склопен пред две години во коалицијата помеѓу Либералите, Социјалните демократи и Зелените.