„Лузер Фест“ – вечерта посветена на новата музика од македонската сцена на 27 ноевмри повторно се враќа во офф-програмата на „Таксират“, како предвесник на главната вечер на фестивалот.
„Речиси 20 години оваа фестивалска вечер се одржува ставајќи го фокусот на младите музички изведувачи, давајќи им можност и поттик да ги покажат своите таленти и да продолжат професионално да ја градат својата музичка кариера“, вели организаторот „Пасворд“.
Конкурсот е отворен само за демо изведувачи т.е. групи или самостојни изведувачи со авторска музика кои до сега ја немаат издадено во студиски албум или на било каков официјален носач на звук.
„Останатите информации околу правилата на учество, се наоѓаат на онлајн формата за пријавување на: https://taksirat.mk/luzer-fest-2022/, која е потребно целосно да се пополни најдоцна до 5 ноември“, соопштува „Пасворд“.
Од сите пријавени артисти, ќе бидат селектирани финалистите кои ќе настапат во живо на „Лузер фест“ на 27 ноември во скопскиот Младински Културен Центар.
На концертната вечер ќе биде избран и победникот, заеднички според гласовите на публиката и на жирито кое пак се објавува непосредно пред одржувањето на настанот. За најдобриот следува награда – снимање и издавање на студиски албум. Албумот ќе биде снимен во професионално музичко студио, а објавен под етикетата на „Пасворд Продакшн“.