Иницијативата „Борба за Влае“ за утре (недела) од 11 до 14 часот на плоштадот „Делфина“ организира „Маалска дружба и борба за Влае“.
Оттаму велат дека граѓани ќе се соберат за да го искажат незадоволството од планираниот детален урбанистички план за Влае 2, за кој велат дека опфаќа узурпација на државно земјиште од приватни инвеститори на повеќе локации.
„Една од спорните локации е токму овој плоштад, каде граѓаните низ тричасовна маалска дружба и игри, во недела, сакаат да ги потсетат носителите на ДУП-от од Општина Карпош колку овој простор значи за квалитетот на живеење на граѓаните и дека треба да остане во служба на сите граѓани, како и досега. На средбата, жителите на Влае, но и сите останати независно од место на живеење, ќе имаат можност да земат и пополнат анкетни листови со кои ќе дадат забелешки на спорниот ДУП“, најавуваат од „Борба за Влае“.
„Какво Влае замислуваме за нашите деца? Населба со згради на секој чекор? Со претесни улици и коли паркирани на тротоарите? Населба без дрвја? Едни од најубавите работи во Влае, јавниот простор и зеленилото, за жал пополека ни се одземани“, додаваат од иницијативата.
Во моментов, тие посочуваат дека според предлог ДУП-от, последните големи зелени или јавни површини се пренаменуваат во станбени објекти, затворени спортски центри, монтажни паркинзи или комерцијални објекти, како и верски објекти на локација на детско игралиште, но и потенцијални хотели кои би зафаќале до 40% најавена градинка на кејот на реката Вардар.
„Иницијативата повикува на што поголемо присуство на жителите да се потсетат во какво Влае сакаат да живеат. ‘Борба за Влае’ претходно организираше граѓански собир во четвртокот на кој велат дека биле изненадени од присуството и одзивот на нивните соседи, како и нивниот интерес да се борат против донесувањето на предложениот ДУП, но беше забележано и присуство на советници во општината кои даваат поддршка на иницијативата. Токму поради големиот интерес на жителите за помасовно организирање за поубаво Влае, се организира и овој втор собир“, посочуваат од иницијативата.
Истовремено, тие ги канат и советнинците од Општина Карпош за како што велат, да дојдат и да погледнат што ѝ следува на населбата, бидејќи се градски претставници и втора линија на отпорот, доколку предлог ДУП-от дојде до точка на гласање.
Иницијативата „Борба за Влае“ е покрената од жители на Влае со цел укинување на предложениот ДУП за Градска четврт С319 во Влае и негова ревизија.
„Ќе се избрише единственото зеленило“ – Граѓани бараат укинување на предложениот ДУП во Влае