„Имаш работи што постојано ги преместуваш, но никогаш не ги користиш? Облека која „моли“ да ја носиш, но е заборавена и едноставно зафаќа простор? Распар чаши кои не виделе пијалок со години? Стари ЦД-а со музика која не е по твој вкус? Столче кое се крие во шпаизот? Време е да расчистиш!“
Вака стои во најавата за „Маалски бувљак“, каде учесниците во соработка со Здружението за креативна одржливост „Комбо“, ќе можат да изнајмат штанд на 22 март (сабота), а со тоа да дадат нов дом на своите стари предмети.
„Правила на учество: 1. Елементите кои ќе бидат изложени треба да бидат чисти (облеката испрана, елементите пребришани). 2. Учесниците да пристигнат најдоцна до 9 часот (Коце Металец 1Ѓ, Железара во дворот на ‘Комбо’), за да успеат да се наместат пред да почне настанот (10 часот). 3. 300 ден за партиципација (штанд + пијалок)“, соопштуваат од „Комбо“.
Сите заинтересирани треба да го пријават своето учество ТУКА.
Инаку, „Комбо“ е здружение – простор во скопска Железара на сестрите Ивана и Анастасија, кое е збиралиште за креативност, дружење и одржливост. Сите предмети внатре добија „шанса“ за втор живот, откако веќе служеле некому, сега служат за разубавување на просторот и за промовирање поеколошки начин на употреба.
[Видео] „Комбо“ – Локална приказна за дружба, креативност и одржливост