„Мафидонија“ или Македонија: Бегалците обесправени од системот и жртви на криумчари

„Од Авганистан сум. Гледате телевизија, знаете како е таму. Моето родно место е опасно за живот“.

Вака ја започнува својата приказна 25-годишниот Делшан, млад човек кој веќе има испишано неколку животни книги. Заминал од провинцијата Пактија во Авганистан и стигнал до Северна Македонија. Седум месеци се наоѓа во државава, од кои последните три е сместен во Центарот за баратели на азил во скопско Визбегово.

Јасно му е од каде доаѓа. Јасно му е каде не сака да се врати. Како бегалец, последната шанса ја гледа во земјава.

„Татко ми е мртов, мајка ми е трауматизирана. Но, сега сум тука. Ако одам на друго место може да ме убијат. Затоа, ќе останам во земјава. Не треба да ви е тоа чудно. Сакам да имам живот“, објаснува младиот Авганистанец.

Го вади својот телефон. Во галеријата прелистува низ фотографиите. Погледот му застанува кога стигнува со сликите каде тој лежи во болнички кревет, преврзан од глава до петици. Скоро и да го убиле. Го претепала група луѓе додека се возел со брод.

„Прашувате зошто сакам да останам? Зошто не сакам да шетам и движам наоколу, во Србија, Балканот, зошто ми е страв да се движам и накај центарот на Скопје? Ете зошто! Не сум луд. Едвај останав жив. Сега, ова е мојот центар, мојот мир. Важно ми е да сум на сигурно“, додава.

Делшан е само еден пример меѓу стотиците приказни на бегалци и мигранти врежани во Балканската рута. Иако официјално затворена, таа сè уште се користи од луѓе што бегаат од војни, или едноставно трагаат по подобар живот и егзистенција. С. Македонија најчесто ја доживуваат како транзит земја, а не конечна дестинација, па остануваат тука привремено пред да го фатат патот накај Европската Унијата.

Но, низ годините има случаи и како Делшан што решаваат овде да си ја пробаат среќата. Луѓе од Авганистан, Пакистан, Сирија, Ирак, Куба, Индија… сите тие сè уште се соочуваат со системски недостатоци, проблеми со својот статус, предизвици со интеграцијата во земјава, често се и попатни жртви на криумчари или на ксенофобични напади.

„Не постои систем“

Ситуацијата денес е доста променета од бегалската криза во 2015 кога дневно низ земјава минуваа по илјадници луѓе. За таквиот наплив своевремено беше ангажиран цел воен арсенал, полицијата и локално население. Сите во обид да помогнат во голготата на бегалците да стигнат до Србија, па да се упатат во некоја од земјите од Европската Унија од каде полесно би стигнале до нивната крајна дестинација.

Со одлука на Владата оваа Балканска миграциска рута официјално беше затворена во 2016 година. Се прогласи кризна состојба на јужната и северната граница, која редовно се продолжува и претставува најдолга кризна состојба од осамостојувањето.

Но, затворањето на рутата не значи дека престанаа и обидите на бегалците и мигрантите да ја преминат земјава. За нивна поддршка и понатаму постојат прифатно-транзитните центри „Винојуг“, на јужната и „Табановце“ на северната граница.

Како пандемијата го зафати светот, така ги зафати и центрите, па тие се приспособуваа за нов живот. Центрите можат да обезбедат краткорочно сместување за вкупно 971 лице. Капацитетот може да се прошири до 2.000 во итни ситуации.

Јасмин Реџепи од невладината „Легис“ вели дека за разлика од други земји во регионот, транзитните центри се пофункционални, со подобри услови, но сепак не се на нивото за кое хуманитарните организации се залагаат. Посебно што поправките и реновирањата повеќе не се фокус на големите донатори, кои ја пополнуваат државната „дупка“ за ресурси и капацитети.

Реџепи како голем проблем гледа што во камповите не постои систем, туку сè е оставено на „волја на поединецот“.

„Значи ако денеска е шеф на смена некој кој има добро срце, ќе ги пушти дечињата да си поиграат надвор. Ако дојде некој кому не му бил денот кога пошол на работа, нема да дозволи никој да излезе од тие контејнери освен до тоалет… Освен тоа, проблем е и како одлучуваат кој да биде прифатен во транзитните центри. Има ситуации во кои, ако на одговорниот му се сака, ќе ги пушти луѓето кои барат азил, или имаат проблем со криумчари да се сместат во ‘Винојуг’, а ако не му се сака нема да ги прими. Тоа не е начин на работа“, забележува Реџепи.

Според последниот извештај на Европската Комисија ниту еден од транзитните центри не е погоден за долгорочен престој, а властите не сакаат да обезбедат нешто повеќе од привремен престој. Дополнително, во извештајот се наведува дека правниот статус на овие транзитни центри и понатаму не е јасно дефиниран.

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) укажува и на уште еден проблем со таканаречениот „принцип за невраќање“, како еден од основните постулати како во меѓународното и домашното право во однос на постапување со бегалците и барателите на азил.

Иако овој принцип принцип забранува државите да ги враќаат лицата во место каде постои опасност од прогон во која било форма на присилно отстранување, вклучително и депортација, протерување, екстрадиција, неформален трансфер и одбивање прием на граница, сепак според нив тоа не се спроведува доследно во земјава.

Покрај движењето од Грција преку С. Македонија кон Србија, службите со кои контактираше Радио МОФ посочуваат дека оваа година доста активен бил и обратниот миграциски тек – од север кон југ.

Во(н) карантин

Кога екипа на Радио МОФ го посети кампот „Винојуг“ кај Гевгелија, таму затекнавме 24 лица од повеќе држави. Меѓу нив и млад Индиец од Пунџаб. Седеше во друштво со неколку сонародници пред монтажните контејнери. Индиецот ни го посочија како „човекот кој знае англиски јазик“. Сепак, тој ретко одговараше на прашања. Се приметуваше дека е воздржан од коментари, особено лични.

„Сите во друштвово (6-7 луѓе) сме од Пунџаб. Таму е лошо. Сите сме земјоделци, но без работа, без основни услови за живот, семејство, било што… Одам некаде да најдам подобар живот. Не знам колку ќе останам овде, но ќе си одам. Во меѓувреме се собираме заедно, да ни помине денот, да помуабетиме со луѓе од Авганистан, Пакистан, Сирија, Куба…“, накусо објаснува.

Додека разговараме со привремените жители во „Винојуг“, во позадина се слуша воз. Тие се навикнале на вакво ехо од подвижната машинерија. Навикнале и постојано да бидат придружувани од припадници на гранична полиција, Министерството за труд и социјала и Центарот за управување со кризи.

Тука се и повеќе организации. Црвениот крст обезбедува храна и основна медицинска помош. Присутна е и екипа од Меѓународната организација за миграција кои заедно со УНХЦР, „Легис“ и Македонското здружение млади правници (МЗМП) обезбедуваат најразлична поддршка на бегалците и мигрантите.

Пандемијата ги отежна условите во кампот, објаснуваат активистите кои работат на терен, но и понатаму опстојуваат активности од хуманитарен и социјален карактер. Постојано се доставува храна, облека, хигиенски препарати… Во меѓувреме може да се игра фудбал на мали голови, пинг-понг, некој да повежба на справи. Со жените се работи на ракотворби, додека за децата постои таканаречена „занимална“.

Она што дел невладини го посочуваат како проблем е карантинот во „Винојуг“. Ваквата состојба „лебди во воздух“. По прогласената вонредна состојба поради КОВИД-19, Владата донесе заклучок дека сите нови баратели на азил, како и ново затекнатите лица со нерегулиран престој во С. Македонија, во период од 25 дена карантински ќе се сместуваат во овој камп.

Оваа практика продолжила и по вонредната состојба, па по поднесени жалби за поединечни предмети и реакција на МЗМП и УНХЦР, рокот бил намален на 14-дневен карантин за да нема дискриминација на оваа категорија луѓе. Но, сега е нејасно дали во кампот уште постои карантин и кој сè влегува во изолација.

Иако дел од невладините организации тврдат дека лицата и понатаму непотребно се држат во карантин, при нашата посета тие се движеа слободно.

„Значи, треба почесто да доаѓаат медиуми за да можат да ги пуштаат луѓето, за да се покаже дека има хуман начин на однесување. Децата не разбираат зошто се затворени. Тоа затворање го гледаат како затвор, како ограничување на слободата, а не воопшто како хуман третман за нивна или наша безбедност. Ние сметаме дека тоа е дискриминација кон нив, бидејќи доколку тие имаат негативни тестови, или после 14 дена, треба да бидат слободни, а не да бидат затворени цело време во контејнерите. Поради тоа голем број имаа психолошки проблеми“, вели Реџепи од „Легис“, додавајќи дека дополнителен проблем е тоа што едни до други се сместуваат и криумчарите, кои бегалците ги обвинуваат дека им извршиле насилство, и нивните жртви.

Според Горан Стојановски, управител на ПТЦ „Табановце“ и раководител на Секторот за операции и координација при ЦУК, карантинот е само за лица позитивни на КОВИД-19. Односно, вели тој, индикациите ги поставуваат стручни лица, а сите оние што ќе дојдат на територијата на С. Македонија, без разлика дали се во Табановце или Гевгелија, подлежат на медицински прегледи.

„Се тестираат, им се мери температура, се воспоставува и комуникациски процес за да се утврдат показатели, со што се прави целосна медицинска слика дали лицето е здраво, дали нема потреба од изолација“, посочува тој, дополнувајќи дека во случај на индицикации за вирусот – во посебни простори се држат до два дена во карантин.

„Се следи нивната ситуација 48 часа и тогаш се воспоставува суспектно сомнение дека лицето е здраво. Па се пушта со другите во кампот“, додава Стојановски.

Управителот на „Винојуг“ не беше достапен за коментар при нашата посета во кампот.

„Лејла“ во „Мафидонија“

Пандемијата можеби не е најголемиот непријател за лицата што ја минуваат балканската маршрута. Нерегуларниот транзит за бегалците и мигрантите значи дека мора да користат и услуги од криумчари, изложувајќи се на ризик по своето здравје, безбедност и слобода.

Во 2016 година Сирија е во хаос. Лејла Ахмед, која живее во Алепо повеќе не гледа иднина за себе и нејзините четири малолетни деца. Тие како Курди се мета на прогон. Решава да побегне и да се упати кон својот сопруг, кој две години претходно заминал во Германија и веќе успеал да најде сместување и работа.

Лејла тргнува по рутата која ја минале и ќе ја минат милиони други бегалци од Сирија – преку Ирак и Турција до Грција. Во кампот во близина на Солун се сретнуваат со криумчари. Тие им гарантираат дека неа и децата ќе ги пренесат прво до Белград, а потоа и до нивната крајна дестинација – Германија. Грчко-македонската граница ја поминуваат во камион, скриени зад тешки железни профили. Тоа било толку ризично, што секое кочење можело да значи и смртна пресуда. По 4 часа возење стигаат до Лојане, село во близина на границата со Србија. Криумчарите им кажале дека тука ќе застанат да одморат и веќе следниот ден ќе заминат во Белград.

Неколку дена подоцна ѕвони телефонот на Маја Конеска. Обвинителката во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција добива повик од берлинскиот оддел на Интерпол. До нив се обратил човек, кој побарал помош да се спаси неговата сопруга и децата кои се заробени некаде во северниот дел на Македонија. На германската полиција им раскажал дека иако веќе им платил 4.000 евра, криумчарите барале повеќе пари за да го ослободат неговото семејство.

Обвинителката веднаш дала наредба на македонските полициски служби кои се занимаваат со криумчарењето мигранти и трговија со луѓе. Брзо стигнале до локацијата. Кога полицијата упаднала во куќата очекувале да ја најдат Лејла и нејзините деца. Но, покрај нив, во објектот биле сместени вкупно 50 мигранти. Сиријци, Пакистанци, Авганистанци и Ирачани. Петмина од нив биле насилници кои ги тепале, понижувале и уценувале останатите.

„Зборував со Лејла со помош на преведувач и таа објасни што се случувало, до детали. Нејзините деца беа со мене и се чувствуваа безбедни. Ѝ кажав дека тоа што го кажала во полиција мора да го повтори и пред обвинителството кое од денеска започнува истрага против 5 лица кои вие сведочите дека ве тепале и ви барале пари. Таа прифати, под услов нејзините очи да ги гледаат очите на децата. И ветив дека така ќе биде. Во истава канцеларија седеа нејзините деца кои цртаа слики додека Лејла даваше исказ и сведочеше што сè се случувало“, се присетува Конеска.

А цртежите кои и понатаму стојат во канцеларијата на обвинителката прикажуваат слика на надеж. Скоро на секој од нив има куќа. Дом кој овие деца го загубиле. Покрај куќата се наоѓаат радосни детски лица, дрвја и цветови.

Цртежите од децата на Лејла се залепени во шкафот на обвинителката Конеска

Обвинителката објаснува дека агонијата на Лејла е типична за голем број мигранти кои од крајот на 2014 година поминуваа низ ваквото патешествие напуштајќи ги своите родни места во потрага по сигурност и подобар живот во западните европски држави. Криумчарите често ја користат нивната ранливост за да изнудат повеќе пари преку тешки злоупотреби на човековите права на бегалците.

Конеска раскажува дека обвинителството се соочува со многу предизвици во ваквите случаи. Јазичните бариери, неможноста за идентификување на овие лица, но и неволноста за подолго задржување на сведоците мигранти, или пак немањето извесна адреса на која ќе можат да контактираат во иднина.

За случајот „Лејла“ беа обвинети и осудени 7 лица. Двајца македонски државјани – сопственикот на куќата и неговиот син кој имал отворено сметка на која стигале парите од уцената, како и три лица од Пакистан и две од Авганистан кои учествувале во криумчарењето, тепањето и криењето на мигрантите. Сите добиле од 4 до 7 години затвор.

Овој случај денес служи за едукација на идните јавни обвинители и судии. Тој претставува школски пример за вечната дилема – каде завршува криумчарењето, a каде започнува трговијата со луѓе.

Сепак, во изминативе години, Обвинителството нема докажано случај каде криумчарен мигрант е идентификуван како жртва на трговија со луѓе. Причините се повеќе, тука е повторно јазичната бариера, а многумина од сослушаните, иако експлоатирани и злоупотребувани, не сфаќаат дека се жртви, туку едноставно сакаат што поскоро да излезат од земјава.

Во последниот извештај на Глобалната иницијатива против Транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК) се проценува дека криумчарењето мигранти на Западниот Балкан е пазар кој вреди помеѓу 34 до 50 милиони евра годишно. Во извештајот стои и дека дел од мигрантите ја нарекуваат Северна Македонија „Мафидонија“ поради нејзиниот криминален углед во оваа сфера.

Само еден „признаен“ бегалец по бегалската криза

Авганистанецот Делшан сега стои на балконот од Центарот за баратели на азил во Визбегово. Во друштво е со повеќе лица. Заедно чекаат азил. Постапките траат долго. Некои чекаат и со години, некои се откажуваат.

Ретки се оние кои успеале да добијат азил во С. Македонија. Од 2012 има само 15 признаени бегалци и на 14 им е доделен азил заради супсидијарна заштита. По бегалската криза само едно лице е признаено како бегалец согласно Женевската Конвенција, односно доделен азил поради оправдан страв дека ќе биде прогонет заради својата раса, вера, националност, припадност на одредена социјална група или свое политичко уверување.

Реџепи од „Легис“ го потенцира овој проблем. Според него, државата не прави чекори да задржи одредени млади, учени луѓе кои би сакале да останат во државата или да имаат своја работа, бизнис, ресторан…

„Напротив, такви работи не се случуваат. Наводно не можат да ги проверат, и тајните служби, разузнавањето… никогаш не даваат позитивен одговор. Без разлика на приказната на бегалците или страдањата, или колку луѓе можат да го потврдат тоа. Сè е џабе. Тие не им дозволуваат да останат. А самите институции би имале корист од нив. Да речеме, сега ние немаме луѓе кои би знаеле да преведуваат на јазиците на бегалците Авганистанци кои ги имаме, или оние кои доаѓаат од Индија. Мака мачиме да се разбереме со тие луѓе“, вели Реџепи.

Министерството за внатрешни работи, која ги носи одлуките по барањата за азил, смета дека сите овие години С. Македонија е транзит земја на патот кон ЕУ, па затоа барателите на азил по поднесувањето на барањето за азил го напуштаат Центарот во Визбегово и државата.

„Втор фактор е причината што барателите се најчесто економски емигранти и не се вклучуваат во дефиницијата од Конвенцијата од 1951 година“, додаваат од МВР.

Ако се погледнат бројките во Центарот, се гледа дека во 2015 година вкупно имало сместени 1.908 лица баратели на азил. Наредната биле 749, потоа 156, па 296, 514, ланската 215, а оваа 2021 година – 116.

„Кочници за доделување азил нема“, е ставот на директорот Владимир Бислимовски од Центарот во Визбегово, додавајќи дека „лицата единствено треба да ги исполнат оние услови кои што треба да ги претстават пред нашата држава“. Додека истовремено, вели тој, голем дел добиле супсидијарна заштита, што е малку поинаква форма.

„Имаат добиено лица кои што навистина доаѓаат од воени состојби, малолетни лица кои што се на рутава. Така да, искрено да ви кажам, и не треба државата да дава секому азил, се знае кому се дава азил, дали е политички, дали од прогон или било како. Затоа што низ оваа рута циркулираат секакви луѓе, се прават проверки од безбедносни агенции во државата и така треба, тоа им е нив работа, за нас граѓаните на оваа држава да нè заштитат од секакви луѓе“, посочува тој.

Работа на црно без матичен број

Додека овие постапки траат со месеци и години барателите на азил се соочуваат со купишта проблеми поради неодредениот статус во кој се наоѓаат.

„Еве чекам азил, не знам до кога. Но, зошто не можам да имам банкарска сметка? Како да работам, што да правам без сметка?“, нè прашува Делшан при нашиот разговор…

Без решение за азил тие не можат да добијат матичен број кој е неопходен за да се добие жиро сметка за било каков легален работен ангажман. Според активистите, ова од една страна ги принудува барателите на азил на ризична работа на црно, а од друга страна им претставува проблем на организациите и бизнисите кои би сакале легално да вработат некој од овие луѓе.

Според Законот за меѓународна и привремена заштита барателот на азил има право на работа надвор од прифатниот центар доколку нема одлука во врска со неговиот азил во рок од 9 месеци, но никаде во законот нема предвидено тие да добијат матичен број.

Од МЗМП посочуваат дека на овој начин се повредува правото на работа на барателите на азил и додаваат дека постојано реагираат до институциите за да се направат законски измени во овој дел.

Дел од заедничкиот простор во Центарот за баратели на азил во Визбегово

Директорот Бислимовски вели дека ова прашање треба да го сработи МВР, а состојбата со матичните броеви на нив им создава проблем. Деца треба да одат во училиште што е должност на државата да им го обезбеди, но сега има електронски дневник каде се бара матичен број.

„Тие имаат право на работа после престој од 3 месеци во прифатниот центар, односно после 9 месеци имаат право на работа на пазарот на труд кај нас. Е сега, добро, ќе најдеме работа, меѓутоа треба да се исплати плата, значи не може да си отворат ниту сметка за во банка. Некој веројатно направил некаква калкулација зашто тие немаат или зашто не добиваат. Имаме реални проблеми, не можете на лекар да појдете, не можат роднините да им испратат некоја паричка да имаат во џебот. Многу работи се поврзани со матичниот број. Не е тоа во наш домен, меѓутоа ни продуцира и на нас проблеми“, вели Бислимовски.

Проблемот со недостапноста на правото на работа за барателите на азил е посочен и во последниот Извештај на Европската Унија за С. Македонија. Според нив тоа дополнително ги руши надежите за нивна инклузија во општеството. Во документот стои и дека целата процедура за добивање азил може да трае многу долго и често не ги зема во предвид специфичните потреби на засегнатите лица.

Хуманиот аспект од кризата

Додека ја работевме оваа сторија на секој чекор можеше да се забележи дека во хуманитарниот третман на бегалците низ Северна Македонија поголема улога играат невладините организации отколку институциите. Безмалку сите објекти во камповите се некаква донација, а на реквизитите стојат логоа на ИОМ, УНХЦР, Легис или пак Црвениот Крст. И претставниците на институциите, во неформален разговор, зборуваат за тоа дека најголем дел од менаџирањето на хуманитарната криза е препуштена во рацете на невладиниот сектор.

Реџепи констатира дека и после сите овие години државата не научила многу од бегалската криза. Според него, институциите и понатаму ги гледаат бегалците од безбедносен, а не од хуманитарен аспект и несоодветно се однесува кон нивните човекови права.

„За жал можам да констатирам дека сиве овие години скоро ништо не е сменето. Самите граѓани си останаа хумани, ден денес донираат и се вклучуваат кога имаме акции, но од друга страна институциите не напреднале воопшто. Било која обука од наша страна, или меѓународните организации која ја организираме за нив е како пишување во снег – се топи до следното лето и институциите ништо не запомниле и не се смениле“, посочува Реџепи.

Покрај пругата во Велес хуманитарката Ленче Здравкин има пречекано десетици илјади бегалци. И понатаму секојдневно пред нејзиниот дом поминуваат очајни и изнемоштени луѓе во потрага по подобар живот. Иако се помалку отколку во екот на бегалската криза, таа и понатаму им помага со храна, вода и облека за да продолжат по нивниот тежок пат.

Вели дека бегалската криза ја има променето како човек. Додека ги слушала судбините на луѓето сфатила дека на секој човек може да му се случи да остане без ништо.

„Сфатив дека многу мали нешта можат да ни причинат задоволство. Дека тоа не мора да е нешто скапо или нешто големо, скап телефон или скап автомобил… Од тоа што им се случува нив – дека некој може да им го украде ранецот или да ги отепа, сфатив дека нема смисла да бидеме лакоми по некои работи. Да бидеме среќни што имаме каде да преспиеме, или што имаме било каков оброк. Не ни се значајни скапите работи. Да бидеме задоволни со она што го имаме, зошто животот знае да биде суров“, вели Здравкин.

Еден од моментите кои таа никогаш нема да ги заборави се случил неодамна. Кај неа пристигнал Мухамед, бегалец кој е професионален фудбалер. Со сопругот размислувале што можат да направат за него и се сетиле дека уште од бегалската криза во 2015 година им останал велосипед кои тогаш тие го користеа како превозно средство за патување низ земјава. Го поправиле и му го покажале.

„Како да ми подаривте Мерцедес!“, им рекол насмеано Мухамед, ветувајќи дека за некоја година со истиот велосипед ќе ги посети во Велес.

Автори: Мартин Колоски, Бојан Шашески, Даниел Евросимоски

*Оваа oбјава е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР и партнерските агенции на ОН. Нејзината содржина е одговорност на Младинскиот образовен форум и не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ОН.