„Магична виолина“ – концерт на Марк Бучков и оркестарот на Македонската филхармонија

Оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт насловен „Магична виолина“, на кој како солист ќе настапи белгискиот виолинист Марк Бучков, на 6 февруари со почеток во 20 часот во Македонската филхармонија.

„Белгискиот виолинист со руско-украинско потекло, Марк Бучков, критиката го опишува како софистициран музичар со беспрекорна самоувереност, но и како еден од најмултифункционалните и уникатни уметници на новата генерација. Неговата меѓународна кариера е богата и зад себе има настапи со водечки оркестри и диригенти ширум Европа. Неговите оркестарски настапи вклучуваат соработки со Кралскиот Концертгебау оркестар и Марис Јансонс, Минхенскиот филхармониски оркестар, Симфонискиот оркестар во Хамбург, Тонхале оркестарот во Цирих, Националниот оркестар на Белгија, Националниот симфониски оркестар во Торино…“, информираат од Македонска филхармонија.

Диригент е маестро Сашо Татарчевски, а на програмата се увертира „Оберон“ од Вебер, Концерт за виолина и оркестар бр. 3 во Ге-дур од Моцарт и Симфонија бр. 5 „Реформациска“ во Де-дур/де-мол, оп.107 од Менделсон.

„Сашо Татарчевски е роден во Битола каде што завршува основно и средно музичко образование. Дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на катедрите за хорско и за оркестарско диригирање, а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано. Настапувал со различни ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на Македонската опера и балет, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера и многу други“, велат оттаму.