Дунав тече низ шест држави, три главни градови , клисури и покрај навистина импресивни пејзажи. Новите фотографии на сервисот Google Street View на Google Maps ги прикажуваат сите убавини на втората најдолга река во Европа.
Фотографиите на спектакуларниот Дунав се направени кон крајот на минатото лето низ Словенија, Хрватска, Србија, Унгарија, Бугарија и Романија.
„Збирката фотографии снимени по текот на реката Дунав е една од нашите најголеми збирки, а прва која содржи фотографии направени во шест држави. Сега секој може да тргне на крстарење по Дунав и да открие незаборавни места како што се градот Белград, Будимпешта и дунавските клисури, “ вели Улф Шпицер, програмски менаџер на Google Street View.
Фотографиите се собрани со помош на систем за снимање поставен на бродот МБ „Treasures“, со кој патниците одат на рекреативно крстарење по Дунав. Со овој брод управува американската компанија „Tauck“, водечка компанија кога станува збор за патувања со најдобар квалитет и „Scylla“ , партнерска компанија која организира крстарење по Дунав и други европски реки.
Системот е дизајниран да прави панорамски снимки од 360 степени, со помош на 15 објективи на врвот на јарболот, и секој од нив е свртен на различна страна. Сликите се прикачени на Street View, кој е достапен на Google Maps.
На овој начин се снимени и Големиот Кањон, Таџ Махал, планината Фуџи, островите Галапагос па дури и познатата пешачка зона во Венеција. Целта на Google е различните наследства и убавини во светот да ги направи достапни до сите.
Извор: Б92