Од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) објавија реакција во која што го изразуваат своето незадоволство од резултатите од Годишниот конкурс за финансирање проекти од областа на литературата и издавачката дејност на Министерството за култура.
„Минатата година Министерството за култура од МАИ побара да доставиме наши насоки во однос на критериумите за бодување на проектите во областа на издаваштвото. За жал, дел од насоките на МАИ во однос на критериумите, како големина на правниот субјект, присуството и поставеност на пазарот, годините на постоење и бројот на претходно објавени дела не се земени предвид во бодувањето“, велат оттаму.
Истовремено, од МАИ посочуваат дека видлива е нерамномерна распределба на средства и одобрен број на проекти по издавачи, со очигледно фаворизирање на одредени издавачки куќи, што е хроничен проблем со годишната програма.
Асоцијацијата во својата реакција вели дека постои нееднаква распределба на средствата, но и дека особено зачудува што преводната литература добива поголеми износи во однос на оригиналните дела.
„Со тоа се поставува прашањето дали повеќе се вреднува трудот на преведувачите отколку на авторите. Ние сметаме дека ако остане системот со бодување, авторските дела треба да носат повеќе бодови и да имаат апсолутна предност пред преводната литература. Просекот на одобрени средства оваа година е на страната на преводите – а тоа не смее да биде случај“, истакнато е во реакцијата.
Издавачите членки на МАИ сметаат дека постои потреба да се изготви референтен документ со суми по авторски табак, кој би им овозможил на издавачите да направат точна пресметка и конечно да знаат колку Министерството плаќа за одреден проект.
„Бодувањето остава многу простор за субјективно доделување, што е најголема забелешка. Во многу случаи се одбивани авторски дела на млади автори и преводи на капитални дела од врвни преведувачи, а поддржани се многу преводи од помлади и неафирмирани преведувачи, зад кои често стојат издавачи кои немаат речиси никаков пласман на своите изданија на пазарот“, велат од Асоцијацијата.
Оттаму бараат да се прават исклучоци во однос на бројот на проекти со кои може да учествува еден автор или преведувач.
„Конкретно, ова се однесува на преводите од македонски на албански јазик за кои има поголем интерес, а има само неколку квалитетни преведувачи“, објаснуваат оттаму.
Во своето последно барање, од МАИ забележуваат дека резултатите од конкурсот се објавуваат доцна.
„Поради промените на раководството во Министерството и оваа година резултатите беа објавени во средината на февруари, најмалку еден месец по законскиот рок за објавување, што издавачите ги става во незавидна положба во однос на времето потребно за реализација на проектите и месечните планови за издавачката продукција“, заклучуваат тие.
Од МАИ заклучуваат дека помеѓу членките е сè повеќе видлива долготрајната и подлабока разочараност од немањето слух на Министерството за култура за најважните прашања, како што е јасниот систем на бодување со земени предвид сите важни критериуми.