По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, во Националната галерија „Чифте Амам“, вечерва, на 7 март ќе биде отворена изложбата „Мајчинство“, на која ќе бидат претставени тематски дела од колекцијата на Националната галерија. Изложбата ќе започне во 19 часот.
Оттаму истакнуваат дека во рамки на „Мајчинство“, ќе бидат претставени дела од македонски и странски уметници, кои ја опфаќаат темата мајка и мајка со дете, односно тематски најзастапената улога на жената низ историјата.
„На оваа изложба ќе можат да се видат дела од Димитар Андонов Папрадишки; на авторите од првата основоположничка генерација меѓу кои Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски; периодот на афирамацијата и продорот на новите ликовни тенденции во повоените години како Петар Мазев, Ванчо Ѓорѓиевски, Глигор Чемерски… Воедно застапени се и примери од авторите кои припаѓаат на Југословенската збирка меѓу кои: Иван Мештровиќ, Павле Симиќ, Лука Тошановиќ“, велат од Националната галерија.
На изложбата „Мајчинство“ ќе бидат претставени дела од повеќе ликовни техники и принципи на ликовно изразување како масло на платно, темпера на картон, молив на хартија, туш на хартија, бакрорез, монотипија, фотографија на форекс и таписерија, додека скулптурите се изведени во техниките на теракота, гипс и бронза.
Кустос на изложбата е Елена Иванова, а поставката ќе биде отворена за посетители во текот на целиот месец.