Изложбата на македонскиот, женски уметнички колектив – „МОМИ“, насловена „Мајкинство“ ќе биде отворена во Културно-информативниот центар (КИЦ) во четврток, на 7 декември.
Со почеток во 20 часот, посетителите ќе имаат можност да видат по едно дело од членките на „МОМИ“, а крајната реализација на делата ќе се случи со нивното обединување и поставување во галерискиот простор, кога сите делови од „мозаикот“ ќе го најдат своето место.
„Изложбата ‘Мајкинство’ растеше и се развиваше преку заеднички процес на создавање и интеракција меѓу членовите на нашата група во текот на повеќе месеци. Нашата група има 7 члена, и секоја од нас иницираше дело на зададената тема. Иницијалниот концепт беше претставен со скици, објаснувања и насоки, а потоа сите имавме можност да го следиме развојот на секое дело преку заедничка комуникација онлајн, како и преку нашите состаноци во живо. Секоја од нас имаше можност да надополни било кое од делата според своето видување и интерпретација“, велат од колективот.
„MОMИ“ е уметничка група од седум авторки кои делуваат заеднички од почетокот на 2012 година, поврзани преку своите креативни идеи и инспирации за создавање, како и блискоста на проблематиките кои се провокативни за нивно истражување. Групата МОМИ ја сочинуваат: Ана Ивановска, Кристина Хаџиева, Зорица Зафировска, Маја Кировска, Марија Сотировска, Татјана Ристовска и Христина Зафировска. Пред основањето на групата соработуваат на бројни проекти и се основачки членови на поголемиот уметнички колектив Art I.N.S.T.I.T.U.T. основан во Скопје 2009 година. Во рамките на групата МОМИ реализираат повеќе изложби и проекти. Се претставуваат со индивидуални дела тематски посветени, додека голем дел од проектите вклучуваат заеднички процес и интеракција меѓу членовите. Некои од изложбите вклучуваат интеракција со публиката во процесот на изработка и презентација.
Од „МОМИ“ посочуваат дека темата „Мајкинство“ е многу едноставна, но многу длабока. Посочуваат дека терминот „мајкинство“ е избран наместо „мајчинство“ затоа што „Мајкинство“ како наслов подобро го рефлектира значењето кон кое целат, ако како збор не постои во македонскиот јазик.
„Мајкинството е принцип кој го обликува човештвото. Тоа е изворна сила што секоја од нас ја носи во себе, сила со која го негуваме домот и сила со која го обликуваме општеството и идните генерации. Доживувањето на мајкинската сила и создавањето со мајкинско чувство е моќна движечка сила која ја препознаваме буквално во сиот жив свет. Самото создавање е маjкински принцип. Творењето е раѓање на дело. Блискоста на мајкиното доживување и потребата да се допре уште поблиску до мајкинскиот аспект во себе е наш предизвик и задача која сакаме да ја развиеме преку создавањето и градењето на нашите дела, ем индивидуално, ем заеднички како едно дело. Мајка, тоа е секоја жена, бидејќи без разлика дали имаме или немаме деца, ние истовремено сме и жени, и мајки, и во домот и во општеството“, истакнуваат уметниците.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 10 јануари 2024 година.