Бившиот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, во предизборната претседателска кампања се обидува да ги привлече младите преку нов метод – мемиња.
Мајкл Блумбeрг, кој е демократски кандидат за претседател, вовел нови стратегии во својата кампања за да ги привлече помладите гласачи. Милијардерот кој е поранешен градоначалник на Њујорк почнал да соработува со меме – колективи поврзани со популарниот Инстаграм профил „ФакЏери“ за да се промовира меѓу младите.
Влијателните инстаграм профили како „Танк Синатра“ и „Треш Кен Пол“ објавиле спонзорирани реклами, кои изгледаат како приватни разговори со профилот на Блумберг. Сѐ уште не е објавено колку чинеле постовите за кампањата на Блумберг, но сигурно трошокот нема да е значаен за претседателскиот кандидат чие богатство се проценува околу 52 милијарди долари.
Седумдесет и седум годишниот политичар кој се претставува себеси како шампион на американската работничка и средна класа и покрај неговото богатство, во својата кампања вели дека сака „да го победи Трамп и одново да ја изгради Америка“.
Кампањата на Блумберг се базира на креативен маркетинг – твитови за Лејди Гага, тетоважи и останата содржина фокусирана на миленијалци, но и едноминутна реклама во текот на „Супер Бол“ која чинела 11 милиони долари.
Според Њујорк Тајмс, тимот на Блумберг соработувал со „Мемиња 2020“, компанија основана од гениите позади „Џери Медија“. „Џери Медија“ е позната по популарниот профил „ФакЏери“, кого го следат 15 милиони корисници на Инстаграм. Според „НБС“, Блумберг троши просечно по еден милион долари дневно за реклами на Фејсбук.