Со проекција на филмот „Скопје 63“ по повод 50-годишнината од скопскиот земјотрес, вo сабота во Куршумли ан ќе биде отворен четвртиот фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“, годинава под мотото „Детоксикација“.
До 21 јуни ќе бидат прикажани филмови од повеќе земји, а покрај Куршумли ан, проекции ќе има и во Младинскиот културен центар. Од Македонија учествуваат четири документарци, на Игор Иванов-Изи, Синиша Ефтимов, Кирил Шентевски и на Петра Селишкар и Бранд Феро.
Организаторите најавија дека документарните теми ќе бидат поделени во четири програмски целини: главна програма, нови автори, балкански документарци и краткометражни документарни филмови.
Филмовите во конкуренција ќе бидат оценети и наградени со официјалните признанија на „Македокс“ – „Кромид“ за најдобар филм во меѓународна натпреварувачка програма, „Млад кромид“ за најдобар филм на нов автор, „Кокарче“ за најдобар филм за деца и млади и награда за филм со најдобри етички идеи.
Според селекторката Петра Селишкар годинешното издание е наречено детоксикациско затоа што документарецот, како и кромидот (кој е негов заштитен знак) прочистува од токсините.
„Ни предизвикува солзи и ни отвора врати од други светови што сами којзнае дали и кога би ги отвориле“, истакна Селишкар.
Истакнати режисери и продуценти ќе ги споделат своите искуства со љубителите на документарни филмови во Куршумли ан, во т.н. Дискусии под смоква, секој ден во 18 часот. „Македокс“ и оваа година во август ќе патува низ градовите во Македонија.
Во Куршумли ан ќе има по две вечерни проекции – од 21 и од 23 часот, а во киното „Фросина“ во МКЦ од 16 јуни ќе бидат репризирани прикажаните документарци. Билетите за цел ден на фестивалот ќе чинат 900 денари, за Куршумли ан 150 денари, а за Фросина 50 денари.