„МакеДокс“ отвори повик за Докуникулци 2024

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е во потрага по шестата генерација „Докуникулци“ на возраст од 14 до 18 години, кои сакаат да бидат дел од едногодишната работилница за креативен документарен филм.

„Сигурно си чул/а некој од постарите како вели: „Денес е лесно, со тоа телефоните во џебот, можете сѐ да снимате и одма на Инста’. Ама не е баш така. Отвори во галерија и биди искрен/а… Колку од твоите видеа имаат приказна? Кажуваат нешто што ќе го надживее и последниот модел на ајфон? Бараме млади, храбри и креативни луѓе кои сакаат да се изразат слободно и спремни да се впуштат во незаборавна авантура. Дванаесетмината величествени од сите вас, ќе бидат поделени во групи со по еден ментор, а на крајот секоја група ќе треба да има готов краток креативен документарен филм. (Во овој момент, не бери гајле за опрема.)“, се вели во повикот.

Филмовите на крајот ќе се снимаат според идеите на учесниците, а со професионална опрема и менторска поддршка од докупрофесионалци.

„И наша заедничка длабока надеж дека твојот филм ќе патува на многу фестивали“, велат од фестивалот.

За учество на фестивалот треба да се испрати видео од кандидатот кој одговара на следните прашања:

  • Покрај гледањето филмови, кои се твоите останати хобија/пасии?
  • Дали повеќе го следиш твоето срце или твојот разум?
  • По која особина сакаш да те запамтат луѓето?
  • Дали се поистоветуваш со некој филмски лик? Доколку да, кој е тој?
  • Која е причината поради која сакаш да гледаш (документарни) филмови?
  • Кое е твоето првично сеќавање од гледање филм?
  • За каква личност се сметаш себе, а пак како те сметаат другите / твоите
    пријатели?

Видеото не треба да е подолго од 5 минути и треба да се прати на dokunikulci@makedox.mk преку WeTransfer. Или, доколку има можност, на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка и испрати ги линкот и лозинката на е-адресата погоре.

Повикот е отворен до 15 јуни 2024, a резултатите ќе бидат објавени до 20 јуни 2024 година.

Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се случува во следниот период:
– јули 2024 (5 дена во природа)
– август 2024 (8 дена на филмскиот фестивал „МакеДокс“)
– 5-7 есенско-зимски сесии по договор во периодот од септември до јануари
– снимање и завршување на филмовите до јуни 2025

На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „МакеДокс“, ланските докуникулци и докупрофесионалци од други земји.

„Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но имај на ум дека сместувањето – особено за првата сесија во природа не е во хотел со пет ѕведзички, туку може да е кампување во шатори, под отворено небо со милион ѕвезди, заедно со тимот на ‘МакеДокс’“, се вели во повикот.

Програмата на „Докуникулци“ црпи искуство од досегашните 5 генерации на млади, од кои, како што велат дел, веќе започнале сериозно да се занимаваат со филм. Искуството е стекнато низ 15 фестивалски години, каде се свртеле илјадници документаристи, раскажувачи на приказни и вљубеници во седмата уметност.