Вечерва со доделување на награди, проекција на филмот „Патување пеш“ на Тамара Котевска и концерт на Дуке Бојаџиев, завршува 15. издание на фестивалот за креативен документарен филм „МакеДокс“ со почеток од 20 часот во Куршумли ан.
Филмската програма на фестивалот е рапоредена во пет категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документареци и Програма за деца и младинци. Оттука, вечерва ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи.
„Во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет“, информираат од „МакеДокс“.
Комисијата за наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм е во состав Кјара Либерти, Надја Тенштет и Владан Петковиќ. За наградата „Млад кромид“ од селекцијата „Нови автори“ одлучува комисијата во состав Маел Генег, Игор Анѓелков и Ваутер Јансен. Жирито за наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец е во состав Инеке Смитс, Иева Убеле и Мартина Дроанди. Истовремено, за наградата „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм одлучува комисијата во состав Јустина Грачнер Ботоњиќ, Ива Росандиќ и Јована Ѓорѓиовска. Додека пак, наградата за филм со најдобри етички идеи на 15. „МакеДокс“ ќе ја објави комисијата во состав Себастијан Кајзер, Драгомир Зупанц и Искра Гешоска.
„Документарниот филм на македонската режисерка Котевска, го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка што патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, во обид да си најде дом. Филм за детската невиност и моќта на имагинацијата во време на криза, разоткривајќи ја одисејата на Амал, преку два континента, симболот на бегалците низ цел свет. Филмот се снимаше 2 години, на територија на повеќе од 10 земји“, се вели во соопштението за филмот кој ќе започне од 21 часот.
Вечерта ќе продолжи со концерт на македонскиот композитор и пијанист Дуке Бојаџиев кој ќе ја заокружи вечерта со свои композиции инспирирани од филмот.