Македонија ги губи младите инженери, информатичари, доктори

Речиси четири години Крсте Стефанов, електроинженер од Кочани, живее и работи во германскиот град Хоф. Дипломирал во 2009 година на ФЕИТ и пред да ја напушти Македонија работел во компанија за изведба на фотоволтаични системи во Скопје.

Неговата сопруга и сограѓанка Симона Тодоровска-Стефанов, доктор по општа медицина, му се придружила во 2015 година, една година по дипломирањето на Медицинскиот факултет во Штип. Двајцата работат во своите професии откако го исполниле предусловот – потребното ниво на познавање на германскиот јазик.

„Работев по струка во Скопје. Нормална плата за тоа време, но, сепак, гледавме подобра иднина за нас во Германија, поголеми можности, и затоа се одлучив да ја напуштам Македонија. Искуството од Македонија ми помогна и овде да продолжам да работам на проектирање соларни системи. Работам и на проекти од автоматиката. Сопругата работи, исто така, во струката, докторка е веќе една и пол година. Задоволни сме од животот во Германија. Начинот на живот е различен, викендите претежно ги користиме за шетање и дружење. Имам годишен одмор 30 дена, што е доволно и за одмор и неколку пати во годината да ја посетиме Македонија. Доаѓањето во Германија беше одлука за која не се покаавме“, раскажува Крсте.

Познава многу млади кои дошле таму – негови пријатели, колеги од факултетот:

Доктори најмногу, потоа програмери и инженери. Многу млади на почеток работат во угостителство – „Бургер Кинг“ или „Мекдоналдс“, додека го научат германскиот јазик… Потоа наоѓаат подобри работни позиции“.

На факултетите што ги продуцираат овие кадри знаат дека по дипломирањето голем број од нив заминуваат во странство, или на доедукација или за работа, или, пак, се обидуваат да заминат.

Деканот на ФЕИТ, проф. д-р Димитар Ташковски, вели дека се свесни за иселувањето на младите и дека се борат да ги задржат, дури и да ги премислат тие што веќе заминале.

„Предизвикот со заминувањето на млад високообразовен кадар во странство е сериозен. Како Факултет за електротехника и информациски технологии, кој создава инженерски кадар, сме многу свесни за оваа појава. На пример, од шеесетина дипломирани студенти во јуни годинава, речиси 30 веќе заминаа во странство на магистерски студии или на работа. За жал, овој процент на дипломирани инженери кои заминуваат во странство е сè поголем, иако најмногу е изразен во последниве неколку години“, рече Ташковски.

Смета дека заминувањето на младите во други држави по нивното дипломирање во современиот свет не е нешто ново, но дека имаат општествена одговорност и се должни да се борат за да ги задржат во Македонија и се обидуваат и да ги вратат оние што веќе студираат или работат во странство со цел да го пренесат своето знаење во земјава.

„Оваа година примивме двајца доценти од кои едниот докторираше во странство, а другиот беше решен да замине на постдокторски студии. Горди сме што успеавме да ги вратиме односно задржиме во Македонија“, истакна деканот на ФЕИТ.

Факултетот во моментов креира Центар за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ со идеја студентите да работат тука на реални проблеми дефинирани во соработка со индустријата, а притоа и да се едуцираат и практично да ги осознаваат инженерските процеси.

„Всушност, Центарот ќе биде мост меѓу ФЕИТ и индустријата. Со ова и ќе ги поттикнеме студентите да бидат што е можно покреативни. Конечно, компаниите кои се обраќаат кон нас со барање за свеж стручен кадар и го забележуваат проблемот на недостиг на инженери во Македонија почнаа со стипендирање на нашите студенти како нивни иден кадар. На тој начин, голем дел од нашите студенти, уште пред да дипломираат, веќе имаат одреден ангажман и визија за нивната кариера по завршувањето на факултетот“, рече Ташковски, задоволен што интересот за упис на ФЕИТ континуирано се одржува на високо ниво и интересот за студирање е речиси рамномерен на нивните седум различни студиски програми.

Постојано голем интерес за упис има и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, а оваа академска година е и рекорден зашто првпат е надминат бројот од 800 запишани. Деканот на ФИНКИ, вон. проф. д-р Иван Чорбев, вели дека сите студиски програми се атрактивни во смисла на можности за вработување и потреба на пазарот.

Како образовна институција немаат статистика на миграции со оглед дека голем дел од нив се случуваат по завршување на факултетот. Нагласува дека информатиката е исклучително барана и добро платена професија и со оглед на тоа студентите на ФИНКИ многу лесно наоѓаат работа во Македонија, но и во странство.

„Факт е дека голем дел од нашите студенти и дипломци имаат заснован формален работен однос во разни информатички компании во нашата земја, потоа одреден дел колеги работат самостојно од дома за странски партнери, а и дел и целосно се отселиле во странство. Трендот постоел секогаш, се чувствува дека е поинтензивен, но перцепцијата е субјективна. Сите студиски програми на ФИНКИ се во рамки на информатичката струка, која е генерално доста барана, без значителна меѓусебна диференцијација во однос на популарноста за вработување или отселување“, рече Чорбев.

Посочи дека секојдневно на веб-страницата на ФИНКИ се објавуваат нови повици за вработување проследени од голем број домашни и странски ИТ-компании кои работат во Македонија и, вели, лесно се заклучува дека компаниите се соочуваат со постојан дефицит на кадар од областа на информатиката.

„Сведоци сме на бројни преземања на вработени меѓу компаниите што носи пораст на просечната плата и бенефициите за информатичарите во Македонија, правејќи ја нивната професија една од најдоброплатените кај нас. Фирмите се вклучуваат во интензивна соработка со факултетот во смисла на организација и поддршка на екстракурикуларни семинари и курсеви со цел подобра обука на студентите за популарните технологии и регрутирање на студентите што порано во тек на студиите“, истакнува деканот на ФИНКИ.

Докторите по медицина се, исто така, професија со зголемен одлив. Во некои јавни здравствени установи има недостиг не само од медицински сестри, туку сè повеќе и од специјалисти кои најчесто заминуваат во западноевропските земји.

Од матичниот факултет во Скопје немаат бројка на млади кои во последната година решиле да најдат работа во странство, но познато им е дека има обиди.

„Генерално, Медицинскиот факултет нема точни сознанија колкав број од дипломираните доктори по медицина успеваат да се вработат во професијата во Република Македонија. Еден дел од нив бараат еквиваленција на предметните програми од страна на Медицинскиот факултет со надеж дека ќе најдат вработување надвор од државата. Претежно се обидуваат во Германија. Еден помал процент се вработуваат во фармацевтските компании и во приватните здравствени установи“, изјави за МИА проф. д-р Соња Топузовска, декан на Медицинскиот факултет при УКИМ.

Официјални податоци за иселувањето на младите и воопшто на луѓето од Македонија нема. Со долгоочекуваниот попис, меѓу другото, ќе стане јасна и таа цифра што сега е неодредена, но содржи пет нули. Секој познава барем еден човек кој одовде отишол некаде со билет во еден правец и со намера кариерата и иднината да ги гради далеку од дома. Коментарот е обично: таму повеќе ги ценат. Но, и овде се тие ценети професии и голем дел од нив успеваат да најдат работа која е и добро платена.

Прашањето е дали е тоа сè што сакаат тие? Врз нивната одлука да отпатуваат влијае и желбата за уредено и напредно општество, а од тоа зависи и одлуката да дојдат назад тие што веќе заминале:

„Во моментов не размислуваме за враќање во Македонија. Некогаш во иднина, доколку би одлучиле да се вратиме, би сакал тоа да биде во една напредната европска Македонија, со подобрен здравствен систем, подобрена функционалност на институциите и еднаква можност за сите“, рече електроинеженерот од Кочани кој од 2014-та има германска адреса.

МИА