Македонија ги доби најлошите оценки во последните десет години во извештајот на организацијата „Репортери без граници“ за слободата на медиумите „World Press Index 2013“. Земјава се најде на 116 место, со што е една од земјите со најголем пад во споредба со минатата година, кога Македонија беше 22 места погоре на листата, на 94 место.
Падот на слободата на медиумите во земјава, според „Репортери без граници“ меѓу другото се должи и на „подготовките на македонскиот парламент да ја легализира цензурата“, а во Македонија, како и во другите земји од регионот било забележано: „физичко или психичко насилство врз новинари или вработени во медиумите, користење на јавните или приватни рекламни пазари како алатка, голем опфат на сива економија во медиумите, слаб пристап до јавни информации.
Падот на Македонија е уште посериозен, ако се знае дека пред само четири години, земјава беше на 34 место на оваа листа. Според најновиот извештај, Македонија е медиумски најмалку слободна земја во регионот. Пред нас се: Србија (63 место), Хрватска (64), Босна (68) Грција (84), Косово (85), Бугарија (88), Албанија (102).
На врвот на листата на „Репортери без граници“ се Финска, Холандија и Норвешка, а на дното според медиумските слободи се Туркменистан, Северна Кореја и Еритреја.