Со одбележувањето на светскиот ден на донирање #GivingTuesday на 2 декември, ЦИРа го пушти во употреба првиот македонски портал за електронски донации www.doniraj.mk.
Донирај.мк е иницијатива која има за цел да придонеcе во развивањето на инфраструктура за поддршката на донирањето и на инцијативи за решавање на локални прашања и потреби во Македонија, соопштуваат од ЦИРа.
Oвој портал им стои на располагање на граѓанските организации и непрофитни институции за презентација на нивните активности и за реализација на акции за прибирање на средства од граѓаните преку искористување на можноста за сигурен начин на донирање преку банкарска картичка од земјата и од странство. Исто така преку донирај.мк бизнис секторот и други заинтересирани субјекти можат да се информираат за приоритетите и потребите за поддршка преку донирање во Македонија.
Донирај.мк во моментов ја промовира кампањата „Пресечете ги конците на трудовата експлоатација и трговијата со деца во Македонија“ по повод одбележувањето на Неделата на борба против трговијата со луѓе од 2-9 декември.
Кампањата има за цел подигнување на граѓанската свесност и формирање на Фонд за поддршка на граѓанските организации кои работата на решавање на овој општествен проблем.
„Трговијата со деца и нивна трудова експлатација е феномен кој е пред нашите очи секојдневно: боси деца на улиците, на семафорите, со подадени раце и вперени погледи молат за некој денар. Феномен пред кој не смееме да вртиме глава и да го одбегнуваме. На овие деца граѓаните можат да им помогнат, не преку давање на 10 денари на подадените детски раце, туку преку поддршка на активностите на здруженијата и институциите. Сите кои сакаат да бидат дел од решението на овој проблем можат да донираат за поддршка и помош на децата-жртви на трговијата со луѓе и трудова експлоатација веднаш: онлајн, брзо и безбедно преку донирај.мк“, велат од ЦИРа.