Македонија губи 63 отсто вода и е меѓу земјите со највисоки загуби во регионот

Македонија е една од земјите со највисоки загуби на вода во регионот. Загубата на ниво на цела држава е 63 отсто, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.

Според него, големите загуби се последица на голем број импровизации во овој сектор како и недостатокот на добра инфраструктура.

„Ние како РКЕ во повеќе наврати кажавме дека сме подготвени да ја определуваме крајната цена за сите водни услуги. Имајќи го во предвид нашето искуство гарантираме дека ќе ја подобриме ефикасноста на компаниите, ќе овозможиме поголем број на инвестиции и за сметка на тоа ќе ги намалиме загубите на вода на државно ниво и нема да предизвикаме никакви ценовни шокови“, рече Бислимоски и додаде дека со намалување на загубите ќе се зголемат количините што ќе се фактурираат и на тој начин нема да има потреба да се зголеми цената за воднитге услуги.

Претседателот на РКЕ рече дека најважно е да се обезбеди цена што ќе биде дстапна и прифатлива за крајните корисници.

„Со години инсистираме да ја преземеме во целост надлежноста за формирање на тарифи што се реални и инвестициски поттикнувачки. Со природните ресурси, како водата, не смееме да дозволиме алиби игри. Во овој момент РКЕ определува само опсег на тарифи – од минимална до максимална, а советите на локалните самоуправи најчесто се определуваат за најниската цена, односно тарифа што обезбедува минимален праг на рентабилност со мали инвестиции“, изјави Бислимоски.

Симона Паскоска