Македонија и Хрватска ќе ја зајакнат образовната соработка и ќе унапредат повеќе аспекти на националните воспитно – образовни системи преку размена на позитивни практики и искуства, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).
„Особено внимание ќе се посвети на стручното образование и обуката, ќе се работи на поврзување и развој на регионалните центри кои промовираат и реализираат ваков вид на образование и на основање образовни центри за извонредност“, истакнуваат оттаму.
За ова се разговарало вчера на состанок во хрватското Министерство за наука, образование и млади, каде во работна посета е делегација од Македонија, составена од претставници на повеќе образовни институции и на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а предводена од државниот секретар во МОН, Елена Ивановска.
„Целта е да се формализира соработката предвидена во билатералната програма која министрите за образование на двете земји ја потпишаа во август годинава, со важност до 2028. Двете страни ќе основаат заедничка комисија која периодично ќе се состанува и ќе развива и реализира иницијативи од интерес на државите. Покрај средното стручно образование, акцент ќе биде ставен на процесот на дигитализација и воведување вештачка интелигенција во наставните програми“, известуваат од МОН.
Како што наведуваат, предвидена е соработка и во областа на предучилишното, како и во основното образование, особено во делот на поедноставување на постапките за изработка на учебници и наставни материјали.
„Хрватската страна беше претставувана од државниот секретар за наука, образование и млади Зринка Мужиниќ Бикиќ, директорката на Управата за воспитување и образование Весна Шерепац и раководители на повеќе сектори во двете институции“, додаваат оттаму.
Инаку, во август годинава министерката за образование и наука, Весна Јаневска со министерот за образование, наука и млади на Хрватска, Радован Фукс потпиша нова четиригодишна програма за соработка. Оваа соработка значи дека учениците државјани на едната држава имаат право да се школуваат во другата под условите што важат таму додека во високото образование, школарината е иста како и за домашните студенти.