Министерот за европски прашања Орхан Муртезани вчера соопшти дека земјава ја доби првата транша од 52.4 милиони евра, односно 7% од вкупната сума на финансиска помош за земјата која изнесува околу 750 милиони евра од Инструментот за реформи и раст на Европската комисија.
„Оваа исплата е врз основа на барањето за предфинансирање, за кое во ноември мината година известивме дека, како национален координатор за Реформската агенда, го потпишав и го доставивме до ЕК. Со ова, Северна Македонија стана првата земја во регионот која ги доби овие средства откако претходно ги презеде сите неопходни чекори односно ги заврши правните процедури; т.е. Договорот за заем и Договорот за грант стапија на сила“, рече Муртезани.
Тој истакна дека втората важна вест поврзана со Реформската агенда е тоа што на 14 март до Европската комисија во предвидениот рок било доставено првото Барање за ослободување на средства во висина од 17.1 милиони евра за имплементација на конкретни реформски чекори.
Во барањето, како што рече тој, ги навеле реализираните активности до декември 2024 година – рок кој од Комисијата беше продолжен до февруари 2025 година.