Македонија се најде на 71 место од вкупно 162 држави според рангирањето на Глобалниот мировен индекс за 2015 година кој го прави Институтот за економија и мир секоја година.
Според овој индекс, Македонија е налошо рангирана од земјите во регионот. Пред неа на листата се Косово на 69 место, Грција на 61 место, Црна Гора е 57-ма, Албанија на 52-ра, Босна и Херцеговина е на 53-та, Србија на 46-та, Бугарија е 32-ра, Хрватска е на 27 место и Словенија на 15 место.
Глобалниот индекс на мирот покажува голема разлика меѓу богатите европски земји, кои живеат во мир и сиромашните земји во Африка и Блискиот Исток опфатени со конфликти. Земјите се класифицираат според 23 критериуми, меѓу нив внатрешни и надворешни конфликти, трошоци во областа на одбраната, тероризмот, убиства, пораст на други злосторства и друго.
Прв на листата е Исланд како најмирна држава во светот, по што следуваат Данска и Австрија. На дното на листата се Сирија, заедно со Авганистан, Ирак, Јужен Судан и Централноафриканската Република.
Интензитетот на вооружените конфликти драматично се зголемил, а бројот на загинатите во немирите во светот е три и пол пати поголем, од 49 илјади убиени во 2010 година на 180 илјади во 2014 година, се наведува во извештајот.
Мапата од овој извештај може да ја погледнете ОВДЕ.