Македонија останува делумно слободна земја, според новиот извештај на „Фридом хаус“ „Слободата во светот 2025“.
Резултатот на земјава е ист како и минатата година, односно изнесува 67 од вкупно 100 поени. Поконкретно, Македонија има 28 од 40 поени во категоријата политички права, односно 39 од 60 поени во категоријата граѓански слободи.
„Македонија е парламентарна република. Земјата продолжува да се бори со корупцијата, и додека медиумите и граѓанското општество учествуваат во енергичен јавен дискурс, новинарите и активистите се соочуваат со притисок и заплашување“, стои за земјава.
Од земјите од Западен Балкан, полошо рангирани се Босна и Херцеговина со 52 поени, Србија со 56 поени и Косово со 60 поени. Пред Македонија е Албанија со еден поен повеќе и Црна Гора со два, односно 69 поени.
Во извештајот на „Фридом хаус“ се забележува дека во 60 земји имало влошување на политичките права и граѓанските слободи, а ситуацијата била подобрена во само 34 земји.
Таму се наведува дека на светско ниво, насилството и репресијата врз политичките противници за време на изборите, тековните вооружени конфликти и ширењето на авторитарни практики придонесоа за 19-тата година по ред во која слободата опаѓа.
„Во годината што доаѓа, сите оние кои ја разбираат вредноста на политичките права и граѓанските слободи мора да работат заедно во одбрана на демократијата“, велат оттаму.