Македонија минатата година назадувала 17 места според перцепцијата на корупцијата и се најде на 107-то место во светот (од 90-тото место во 2016) од вкупно 180 држави во најновиот индекс кој секоја година го објавува Транспаренси интернешнл.
Според индексот, перцепцијата за корумпираност во Македонија е најлоша во споредба со сите земји во регионот и заедно со Албанија, Косово и Босна и Херцеговина се единствени обележани со темно црвена боја на графичкиот приказ. Во глобалното рангирање, земјава го дели 107-то место заедно со Ерменија, Виетнам и Етиопија.
Нов Зеланд и Данска се гледаат како најмалку корумпирани земји, додека на последните позиции, како најкорумпирани држави, се перципираат Сирија, Јужен Судан и Сомалија.
Анализата на новите сознанија на Транспаренси интернешнл покажуваат дека две третини од земјите во светот се оптоварени со висока корупција и дека пресметките со невладините организации и медиумите се поврзани со повисоко ниво на корупција.
Според сознанијата на организацијата, од 2012 година скоро сите убиени новинари биле во корумпираните држави.
„Ниту еден активист или новинар не смее да се плаши за неговиот живот кога зборува гласно против корупцијата. Со оглед на моменталните пресметки врз граѓанското општество и медиумите глобално, мораме да направиме многу повеќе да ги заштитиме оние кои говорат“, вели директорката на Транспаренси интернешнал Патриша Мореира.
Најважните пет препораки на Транспаренси Интернешнал за намалување на корупцијата се:
- Владите и бизнисите да направат повеќе за охрабрување на слободата на говор, независни медиуми, политичкото незадоволство и отворено и ангажирано граѓанско општество
- Владите треба да ја минимизираат регулацијата врз медиумите, вклучувајќи ги и традиционалните и новите медиуми и да осигураат дека новинарите можат да работат без страв од репресија и насилство. Дополнително, меѓународните донатори треба да размислат за слобода на медиумите релевантна при развојната помош и при достапноста до меѓународните организации.
- Граѓанското општество и владите треба да промовираат закони кои се фокусираат на достапноста на информации. Таа достапност помага во поголема транспарентност и одговорност додека истовремено се намалуваат можностите за корупција. Важно е владите не само да обезбедат соодветна правна регулатива, туку и да се посветат на имплементацијата.
- Активистите и владите треба да го искористат моментумот создаден од целите за одржлив развој на Обединетите Нации за да се залагаат за реформи на национално и глобално ниво. Посебно, владите мораат да осигураат достапност до информации и заштита на основните слободи и да ги усогласат со меѓународните договори и најдобрите практики.
- Владите и бизнисите треба проактивно да ги објавуваат значајните информации од јавен интерес во формат на отворени податоци. Проактивното објавување на значајни податоци, како владините буџети, сопственоста на компаниите, јавните набавки и финансирањето на политичките партии овозможува новинарите, граѓанското општество и засегнатите заедници да идентификуваат шеми на коруптивно однесување многу поефективно.
Ова е 25-та година како се објавува индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнал. Тој прикажува колку е корумпирана земјата според перцепциите на експерти и бизнисмени преку 13 извори на податоци, од 12 различни независни институции.