Македонија после многу години се враќа на Венецијанскиот филмски фестивал со филмот „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска, информираа денеска од Агенцијата за филм.
Оттаму велат дека ова е прво учество на Македонија со мнозински проект во една од официјалните натпреварувачки програми на еден од трите најголеми фестивали во светот, после речиси триесет години. На фестивалот кој се одржува од 31 август до 10 септември, филмот ќе се натпреварува за најдобра режија, најдобар филм, улоги и други важни признанија, додаваат од агенцијата.
„За мене е голема чест да се биде дел од најстариот и еден од највлијателните фестивали на светот, возбудата и радоста се големи. Соочувањето со публиката е клучниот елемент во нашето создавање. Овој филм го гледам како симфонија на кореографирани движења кои ги размотуваат слоевите на емоции, полека обвивајќи го гледачот до точка на вртоглавица. Локацијата е клучна: хотел во стилот на осумдесеттите, сведок на архитектонскиот стил од бивша Југославија: бетонски брутализам или модернизам, а потоа тука е ранетиот град Сараево, сведоштво за отворените рани и болките од минатото. Тука се поставуваат прашањата, што нè одредува: нашата етничка, религиска или родова припадност? Што нè раздвојува или спојува? Ова е приказна за непредвидливоста на животот, случајните средби помеѓу напаѓачот и жртвата, оживувањето на болното минато; ова е приказна за невозможни спојки, за љубовта и апсурдноста. Филмот започнува како хумористична екскурзија и се развива во планина од наслоени искуства. Филмот е базиран на вистинска приказна и тоа директно од авторот на сценариото Елма Татарагиќ“, вели Теона Стругар Митевска.
Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски рече дека македонскиот филм ниже успеси, а дека доказ за тоа се бројните учества на реномирани фестивали, како и номинациите и наградите кои ги добиваат.
„Можам нескромно да кажам дека македонските филмаџии веќе имаат стил кој се препознава во светски рамки. Самата селекција во натпреварувачката програма на Венецијанскиот фестивал за ‘Најсреќниот човек на светот’ е огромен успех, сам по себе. Очекуваме пред сè одлично претставување, но се надеваме и на награди, бидејќи веруваме во овој филмски проект“, рече Лазаревски.
Од Агенцијата за филм велат дека „Најсреќниот човек на светот“ е филм кој говори за „тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир после војна“.
„Сараево четири години беше под опсада и тероризиран со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, четириесет годишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзинврсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов“, додаваат од агенцијата.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, Босна и Херцеговина и Данска.