Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) ги додели наградите за 2024 година за книги, автори и проекти за достигнувања во издаваштвото во периодот меѓу двата саеми.
За најдобра едиција, каде основниот критериуми беше уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед и дизајн награди добија „ПРОаЗА“, „Бранови“ и „Современи класици“.
Награди за најдобар дизајн на корица припаднаа на „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески, „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески.
За најдобро ликовно-графички уредено издание, односно награда за највпечатлив целосен дизајн, корица и внатрешност на издание за возрасни добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска, односно автор на дизајнот Петер Личковски.
Потоа, „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ, односно графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш, со графичко уредување на „Супрема“.
Дополнително, признание за најдобра книга за деца, односно оригинални целосно илустрирани книги за деца, наградени беа „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ приредена од Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска, „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска.
Признанија за најкреативно издание добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска, „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска.
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска.
Истовремено, беше доделено и признание за поттикнување на општествена одговорност, кое припадна за сликовницата „Другарко“ од Денис Јанкуловски, односно илустраторката Наташа Костовска, „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска“ и проектот „Да ти ја раскажам мојата приказна“.
Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје пак, за кампањата „Читаме современи автори“ го доби специјалното признание за промотор на читачката култура.
Во комисијата за наградите учествуваа писателката Николина Андова Шопова, поетесата и новинарка Биљана Стојановска и графичката дизајнерка Ива Јованова.