Со настап на германскиот виолончелист Даниел Милер-Шот, под диригентство на маестро Борјан Цанев, Македонската филхармонија вечер ја почнува новата концертна сезона.
Милер-Шот првпат настапува со Филхармонијата. Освен концертот за виолончело и оркестар на Лало, на програмата се и дела од Шахов, Штраус и Барток.
Со истиот овој концерт, Македонската филхармонија на 6 октомври гостува во Загреб.
Филхармонијата годинава одбележува јубилеј, 70 години постоење, а сезоната ја стартува со нов имиџ – женскиот дел од оркестарот, првпат, ќе биде унифицирано облечен, во фустани креирани од дизајнерката Тања Кокев.
За сезоната 2014/15 под мотото „Наостри ги сетилата“, се најавени врвни солистички и диригентски имиња, флејтистот Емануел Пају, мецосопранот Ан Халенберг, Сергеј Накариаков, Тео Георгиу, Акико Суванаи, Сергеј Крилов, Владимир Костов, Игор Дурловски, Емил Табаков, Урош Лајовиц, Кристијан Мандеал, Пол Меккриш, Цанев и Саша Николовски – Ѓумар.
Нестандардните симфониски концерти што се пракса на Филхармонијата, остануваат дел од програмата. Дуке Бојаџиев и неговите пријатели од САД настапуваат во февруари за Денот на вљубените, а во мај е концертот „Видео игра“ со музика од видео игри. Публиката ќе може да ужива и во Гала новогодишниот, едукативните и концертите за најмладите, како и во концертите со студентите и учениците од нашите музички училишта и факултети… Крајот на сезоната традиционално, завршува со големиот мултимедијален спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга“ во Градскиот парк. Продолжуваат и концертите во другите градови низ Македонија каде има прекрасна публика.
Јубилејот ќе биде официјално одбележан на 18 декември со настап на еден од најголемите денешни руски пијанисти Борис Березовски, под диригентнство на маестро Дмитри Лис. На програмата се дела од Прокофјев и Чајковски. Во контекст на јубилејот се и концертите со македонски уметници, Марија Ѓошевска, Божидар Пејиќ, дуото Стефановски, Ана Гацева, Петруш Петрушевски.
По повод јубилејот, ќе биде промовирана и монографија за Филхармонијата на авторите Тина Иванова и Роза Нолчева.