Македонските граѓани живеат во една од најхомофобичните земји во регионов. Тоа го покажаа резултатите од Европското општествено истражување (ЕОИ), кога во 2021/22, С. Македонија за првпат учествуваше во големата компаративна анкета која 20 години се случува низ европските земји.
Според податоците од истражувањето, а во однос на хомофобијата и хомофобичноста, испитаниците од земјава се најхомофобични во сите овие димензии, споредено со испитаниците од сите европски држави како и со испитаниците од регионот, вели професорката Анета Цекиќ, од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ, која е и национална координаторка на истражувањето.
Високото ниво на хомофобичност беше дел и од второ истражување – „Отворено скриени опресии: ставови, вредности, и практики на граѓанките и граѓаните за политичкото учество и хомосексуалноста“, кое денеска го промовираше „Коалиција Маргини“.
Студијата опфаќа четири анализи и истражувачки текста во авторство на Анета Цекиќ, Јован Близнаковски, Ирена Цветковиќ и Билјана Котевска.
Авторите на студијата во своите анализи детално ги истражуваат хомофобичните ставови на испитаниците, тестирајќи го истовремено и за првпат значењето на повеќе демографски, социо-економски и ситуациски фактори, како и фактори поврзани со човечките вредности.
Според резултатите на истражувањето, посочува Цекиќ, македонската хомофобија не препознава, лева, десна или централна идеологија.
„Идеолошкото позиционирање на испитаниците беше доведено во врска со хомофобичните ставови и заклучоците се дека не – статистички значајни разлики не најдовме помеѓу идеолошкото самопозиционирање на испитаниците кон лево, во центарот или кон десно. Униформно, тие споделуваат хомофобични ставови, кога ја ставивме оваа варијабла во однос на варијабли, заклучоците се дека други фактори се побитни во градењето на хомофобични ставови“, вели професорката.
Според истражувањето, хомофобичните ставови се повеќе распространети во повозрасната популација, поприсутни се кај мажите во споредба со жените, руралното место на живеење придонесува кон похомофобични ставови, како и образованието, односно најниско образованите лица се најхомофобични.
„Работниот статус е предиктор за хомофобичните ставови – вработените се похомофобични и од невработените и од оние испитаници кои што не се на пазарот на труд – пензионерите, домаќините, домаќинките и студентите. Работното место во нашата земја е значаен фактор за хомофобичност и ова треба да се адресира понатаму во следни истражувања. Меѓу самите религии најдовме врска помеѓу испитаниците кои што не припаѓаат на ниту една религија и православните – првите се многу поотворени. Албанците се похомофобични на две од четирите димензии во споредба со Македонците“, вели Цекиќ.
Европското општествено истражување не ја истражуваше само хомофобијата во земјава. Напротив, ја истражување и ксенофобијата, политичките ставови на граѓаните, нивната подложност на теории на заговори и учеството на демократски процеси. Ваквото истражување за првпат се имплементираше во Македонија, финансирано од Министерството за образование и наука, но оваа година, државата не покажала повторен интерес.
На прашањето дали резултите од истражувањето од 2021/2022 биле искористени за градење на политики, Цекиќ вели дека такво нешто сѐ уште не се случило.
„Сѐ уште не, Коалицијата Маргини е една од првите која ја препозна важноста. Истражувањето се користи токму на ваков начин во европските земји. Се користи особено од Европската комисија и од националните влади за креирање на политики. Нас такво искуство и таква практика и нема, истражувања не се финансираат, а уште помалку и се користат. Ова истражување беше финансирано од самите институции, во случајов Министерството за образование и наука. Ние се надевавме дека ќе поттикне поголем интерес и ќе биде повеќе искористено. Се уште не е доцна, податоците беа објавени пролеттва, тие се релевантни, битни, можат да се користат на долг рок“, вели професорката за Радио МОФ.
Политичко учество и родов јаз
Според резултатите од ЕОИ, скоро половина од мажите во земјава се чувствуваат блиски до одредена политичка партија, додека бројот кај жените е помал. Само 13% од жените се заинтересирани за политика, а постои родов јаз и во информирањето – мажите поминуваат повеќе време за следење политика на дневно ниво, за разлика од жените, го анализираат влијанието на животнaтa доба и одредени лични карактеристики врз политичката активност кај жените и мажите, и го анализираат влијанието на животнaтa доба и одредени лични карактеристики врз политичката активност кај жените и мажите.
Во истражувањето објавено од страна на „Маргини“, авторите дополнително ги разгледуваат и разликите во политичкото учество меѓу жените и мажите, низ анализа на повеќе форми на политичко учество и нудат подлабока анализа на тоа што ја одредува увереноста на жените во нивната способност да учествуваат поактивно во политичките процеси.
Јован Близнаковски, еден од истражувачките вклучен во ЕОИ посочува дека во земјава, родовиот јаз во политичкото учество апсолутно постои.
„Внатрешна политичка ефикасност кај граѓаните и граѓанките е еден од главните фактори кој стимулира или дестимулира политичко учество. Тоа е лично убедување дека индивидуата е способна да учествува во политичка акција – дали е тоа партиска или политичка акција. Самодовербата за политичко учество е тесно поврзана со тоа дали индивидуата ќе учествува. Тука имаме силна статистичка разлика – едната група, жените, се чувствуваат понеефикасно од другата, односно мажите“, вели тој.
Според Билјана Котеска, која во истражувањето се осврнува на животните доба и влијанието на различни лични карактеристки во овој контекст, наодите покажуваат дека проблемот со генерирање на родово-сензитивно законодавство и политики ќе остане и покрај години зборување, доколку не се преземат акции.
„Мора да работиме на создавање на нови правила кои што ќе резултираат со нови вклучувања на жените и девојките. Сензивитизирањето на политичките партии – малку да се завртат сами кон себе – реформирање на нивното внатрешно организирање – да се разберат начините на кои ги дестимулизираат жените и девојките за тие да учествуваат во политичките процеси. Има и потреба од државно финансирање на на истражувања што ќе ни овозможат собирање на податоци и редовно следење на родовите односи во општеството. За многу работи не може да се најде литература за да се објаснат“, вели таа.
Ивана Смилевска