Македонски јазик да се учи низ песни на „Леб и сол“ и Тоше Проески, но и преку споредба на дела од минатото со понови текстови

На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на насоката македонски јазик, во последнава академска година се запишале само седум студенти. Оваа бројка пред две години била 22, а пред три години, македонски јазик студирале четиринаесетмина студенти, пишува Мета.мк.

Зошто не е голем интересот за овие студии и што е потребно да се преземе за да се актуелизира насоката? Стипендии, повеќе работни места за лектори и поатрактивни студиски програми. Ова се потребните нешта кои би го зголемиле интересот за студирање македонски јазик кои ги посочуваат македонистите.

„Во минатото, кога имаше ограничен број на студенти на другите факултети, на македонски јазик доаѓаа голем број одбиени од други факултети. Во таа смисла, сега имаме помал број на студенти, но пак тие што доаѓаат да се запишат на македонски јазик се дојдени исклучиво со интерес да студираат македонски јазик и во таа смисла се подобри студенти отколку што беа во групите порано“, вели проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителката на Kатедрата за македонски јазик при Универзитетот „Св. Kирил и Методиј“.

Тоа дека е намален интересот кај младите да го изучуваат македонскиот јазик, не го негира проф. д-р Људмил Спасов, професор по македонски јазик на катедрата. Како причина за ваквата состојба тој го посочува фактот за зголемениот број на нови факултети на кои се изучува македонскиот јазик, како што се Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и Универзитетот во Тетово. Тие сметаат дека студентите се распрскани по различните универзитети, а тоа доведува до ниска бројка на студенти на Филолошкиот факултет на УКИМ.

Дополнително, и Пановска-Димкова и Спасов посочуваат дека е намален и вкупниот број на матуранти. Во 2013 година имало 19.289 пријавени ученици за државната матура, а во 2022 година имало 15.899 пријавени ученици, пад од 18 отсто.

Исто така, нема мал интерес само за учење македонски јазик, туку интерот е намален и за изучување на албанскиот и турскиот јазик. Како што информира Пановска-Димкова, оваа година само двајца студенти се запишале на студии по турски јазик и книжевност.

На темава поразговаравме и со професорката по македонски јазик во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, Татјана Алексиќ, која посочува на тренд кој постои и надвор од границата на нашата држава.

„И во Србија се случува истото. Не само за студиите по мајчин јазик, туку и за другите предмети кои се за педагошка работа, професори по физика и математика се дефицитарни. Веројатно младите разбрале дека нема леб во воспитно-образовна работа и одат во други технички и информатички науки каде што можат да заработуваат“, рече таа.

Во системот каков што е, никако не го ставаме на пиедестал духовното знаење, додава професорката.

„Сè се оди на форма, амбалажа. Станавме формални луѓе, кои живеат само за материјалното, за стекнувањето на капитал. И ако се поврза читање книги или учење со пари, ете го поразот, ете ја демотивацијата“, мисли Алексиќ.

Едно од решенијата, според Алексиќ, од основно до средно училиште е пристапот на наставникот кон учениците и тематиката, кои се од исклучителна важност.

„Ако детето не препознае љубов кај наставникот кон тоа што го предава, ако не препознае дека тој има личен бенефит од тоа што го предава, тогаш ќе ја препознаaт лагата“, вели таа.

Таа смета дека треба материјалот за македонски јазик да се предаде на помодерен начин кој ќе им биде поблизок и поинтересен на учениците.

Еден од методите кој таа го практикува е споредбата на делата од минатото со понови текстови. На пример, кога средношколците го изучуваат делото „Панонски легенди“ од темата старословенска писменост, истовремено се обработува и романот „Папокот на светот“ од Венко Андоновски. Или, при толкување на делата на Григор Прличев, како „Сердарот“ и неговата автобиографија, се чита и романот „Депа“ на Милован Стефановски, кој е модерна интимна биографија на Прличев.

Алексиќ посочи дека компарацијата како педагошки метод веќе е наведена во наставните програми.

Професорот Спасов се согласува дека материјалот треба да се промени и адаптира. Тој сугерира обработката на текстовите на песни од легендарни македонски артисти како „Леб и сол“ или Тоше Проески.

Во високото образование, тој смета дека треба да се актуализираат и додадат нови програми на Филолошкиот факултет. Моментално, постои само наставна насока за македонски јазик, а не и лекторска или преведувачка.

Спасов со разочараност посочува дека постоеле и програми како преведување помеѓу македонски, хрватски и словенечки, како и двопредметни македонски-албански, македонски-англиски, македонски-турски програми на кои се изучувале двата јазици паралелно. Тој смета дека ваквите меѓукултурни програми и различните перспективи кои тие ги нуделе би ги привлекле младите.

„Ние немаме воопшто современ грчки јазик на факултетот. На толку развиени економски односи, слабо стоиме со преведувачи – а тука лежат шанси за вработување. Сигурно дека младите луѓе би се насочиле кон тоа“, дополнително посочува Спасов.

Во однос на зголемувањето на бројот на работни позиции за студентите со диплома по македонски јазик, сите три соговорници го поздравија новиот предлог-закон за употреба на македонскиот јазик. Во него се предвидени стипендирањето на студентите кои ќе одлучат да студираат македонски јазик, како и отворањето на нови работни места за лектори.

„Со новиот закон е предвидено задолжително вработување на лектор во законодавната, судската и извршната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, во јавните установи и во медиумите. Воедно, со утврдување на задолжително лекторирање на сите службени текстови ќе се унапреди употребата на македонскиот стандарден јазик“, велат во Министерството за култура.

Мета