Македонски јазик и литература остануваат во еден предмет во средните училишта

Од усвоената Национална стратегија за култура отпадна само идејата за издвојување на предметот македонски јазик и литература во два засебни предмети, јавува телевизијата 24 Вести.

Засега, македонскиот нема да стане задолжителен предмет на факултетите, иако според планот тој требаше да се изучува во четири семестри на факултетите кои образоваат наставен кадар, односно во два на сите преостанати. Министерството за култура ја повлекло иницијативата бидејќи понадлежно било Министерството за образование, од каде, пак, велат дека за да се сменат работите, потребни ќе бидат поголеми законски измени кои не можат да се случат преку ноќ. Професорите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ велат дека одделувањето во два засебни предмети е неопходно за да се справиме со нискиот степен на јазична писменост, а од аспект на кадри, ова би било возможно.

Меѓу предлозите кои беа усвоени како дел од првата Национална стратегија за развој на културата, во однос на јазикот, се следните: изработка на посебна програма за подигнување на нивото на јазична култура, преземање мерки за уредување на говорната и писмената јазична форма во јавната комуникација и во медиумите, поддршка на иницијативите за нови актуелизирани изданија на Правописот и изработка на Академска граматика и на Етимолошки речник, како и основање Комисија за стандардизација на географски имиња.

Извор: 24 Вести