Македонски патишта: бекатон-плочи наместо асфалт

„Не знам дали некој бил во Свети Николе, ама еве да видите како изгледаат улиците тука. Ова е само мал дел од она што е „поправено“ со бекатон плочки на една од најфрекфентните улици „Младинска“. Во центарот на градот пак има уште поубави кратери“.

Ова е дел од писмото кое стигна до нашата редакција, напишано од револтирана читателка, жител на Свети Николе.

Нов изум во Свети Николе, улици се санираат со бекатон плочи

Но случајот една од најфрекфентните улици „Младинска“ во Свети Николе, не е единствениот во Македонија. На стариот пат од Скопје кон Тетово, дел од делницата е „поправен“ со бекатон плочки, исто така и локалниот пат кај селата Бојане и Свиларе. Бекатон-плочките се користат и во поголемите градови, за поврзување на улиците. Некогаш ги поставува општината, но честопати, особено во западниот дел на Македонија, самите граѓани собираат пари и поплочуваат, кога локалната самоуправа тоа не го прави.

Според професорот Вулнет Палоши, од Државниот универзитет во Тетово, крпење на дупки со вакви плочи е недозволиво, ниту е безбедно, ниту пак економски исплатливо.

„Бекатонот единствено би можел да се користи во случај кога ни треба итно времено решение на некој проблем со улицата, но во никој случај не смее да остане подолго од еден месец. Бекатонот има својство да се откорнува, посебно при поголеми брзини, така што во никој случај не смее да се користи кај магистрални и регионални патишта. Ваквото санирање директно ја загрозува безбедноста на оние кои се движат по нив“, вели Палоши.

Според него, кога станува збор за патишта изработени од бекатон наместо од асфалт, тој може да се користи единствено кај поголеми стрмнини и места со многу вода, но само кога брзината на движење на возилата не е поголема од 30 километри на час и нема големо оптоварување. Исто така, додава Палоши, употребата на бекатонот е сосема оправдана при изработка на тротоари и паркинзи.

Во сите други случаи, под итно бекатонските плочки треба да се замената со асфалт, дециден е професорот.

Нов изум во Свети Николе, улици се санираат со бекатон плочи

Од Републичкиот совет за заштита на безбедноста на патиштата забележуваат дека честопати чудни решенија се користат за санирање на патиштата.

Бекатонот не е поевтин од асфалтот, вели Тоше Јанев, портпарол на РСБСП, но дури и кога е поставен не смее да одвојува од патот.

„Во никој случај не може да се оправда поставување на бекатон нестручно и на несоодветни места. Надлежните мора да се грижат за безбедно одвивање на сообраќајот“, реагира Јанев.

За светиниколчани она што се прави кај нив е потценување.

„Ова е срамота, на овој начин да се санираат дупки, па макар и во мал град. Сега сите бегаат од бекатонските плочки и настанува уште полоша ситуација, па не само автомобили, туку сега и со велосипеди жителите едвај се движат по улиците“, реагираа граѓаните и бараат општинските власти да престанат со вакви импровизации.

Ј.Ј.