„Здраво. Моето име е Ѓорѓе. Имам 23 години. Уште од основно училиште ја открив мојата страст за музиката, особено за пеење и свирење на пијано, но поради финансиски потешкотии што моето семејство ги имаше, никогаш немав можност да ја спроведам во пракса. Бев млад, неискусен, и нецелосно свесен за мојот потенцијал и страст, така што отидов во друг правец“.
Вака ја започнува својата приказна младиот студент на ФИНКИ, кој реши да се бори за својот сон да се занимава со музика. Ѓорѓe започна своја онлајн кампања на платформата „Indiegogo“, која е отворена и за апликанти од Македонија. Со Кампањата се обидува да собере доволно пари за да учи на еден од најдобрите колеџи за музика „Бeркли“ во Бостон, САД.
Како што пишува на „Indiegogo“, откако завршил средно образование, Костов започнал со студирање на Факултетот за компјутерски науки и инженерство во Скопје, но само поради предностите што ги нуди оваа професија на пазарот на трудот.
„Долго време сакав да се префрлам на музичката академија во Скопје, но не го направив тоа, бидејќи моите родители не ја поддржуваа идејата да бидам музичар и мислеа дека никогаш нема да можам да живеам од тоа. За време на моите IT студии имав можност да одам на две платени пракси во странство. По втората пракса во Истанбул, сфатив дека не можам да продолжам така и дека морам да направам нешто“, пишува Костов.
Тој подоцна решил да ги паузира своите студии и започнал со процесот на пријавување за еден од најдобрите колеџи во светот .
„Иако немав никакво професионално искуство јас верував во себе, моите музички способности и можноста дека би можел да бидам примен. Фокусиран на мојот сон, започнав да ги давам сите мои пари на професор за пеење со цел да научам некои вокални техники. Во меѓувреме, моите родители дознаа дека ги паузирав моите студии и секојдневно се обидуваа да ме оттргнат од идејата. Тие не веруваа во мене и беше навистина тешко“, објаснува младиот студент на својот профил на life.indiegogo.com.
Пред речиси една година тој нашол евтино пијано и го купил со што интензивно почнал да учи користејки бесплатни лекции и вежбајќи секој ден. Во февруари, оваа година, Костов заминал на аудицијата за „Бeркли“ во Париз, со рекорден број на учесници. Писмото со позитивен одговор пристигнало на крајот на мај, но овде вистински започнале проблемите со парите.
Тој сметал дека со фактот што е примен на овој колеџ, кој се смета за еден од најдобрите универзитети во светот, лесно ќе ја добие стипендијата од Министерството за образование и наука.
Еден од проектите на Министерството е целосно да ги плаќа студиите на македонски студенти во случај да студираат на еден од најдобро рангираните универзитети ако претходно биле примени. Во таа листа влегува и „Бeркли“, но Костов вели дека поради нејасни причини, ваквите стипендии за 2015/2016 година се повлечени.
Цената за една година учење на „Бeркли“ е прилично висока, и претставува сума која неговите родители не можат ни да ја замислат. Заедно со трошоците за престој, за една година во Бостон, сумата достига до 60 000 долари. По неговиот прием, тој морал да плати депозит од 1000 долари за да потврди дека ќе присуствува на предавањата.
Со студиите треба да започне во јануари 2016 година, така што проблемите со финансиите треба да ги реши кон крајот на октомври оваа година, за да може да аплицира за студентска виза.
Indiegogo Life претставува бесплатна интернет платформа на која секој може да отвори профил и да започне со своја кампања за собирање средства или само да се донира. Досега, на оваа платформа има три активни профили од Македонија.